Модерниот свет денес познава демократија и тоталитарен режим. Демократијата подразбира владеење на гласот и довербата на народот.
А од трите столба на демократијата, трите власти – законодавна, извршна и судска, во Македонија првите две црпат легитимитет од народот и од неговата доверба, на избори, на гласање, со програми и со оценка на резултати.
ПИШУВА НАУМ СТОИЛКОВСКИ
Но, од што влече легитимитет судската власт во Македонија, која 35 години е непроменета и на неа воопшто не влијае јавноста?
Од 1990 година, досега, во овие 35 години имало 11 изборни циклуси на кои победува довербата кој да ја води државата, довербата кој да ја добие законодавната и извршната власт.
И повторно ќе ставам прашалник, од што црпи легитимитет судската власт којашто, според книга, треба да биде независна?
Споредено со другите две власти, дали судската власт, судиите и јавните обвинители, со доверба од 2 или 3 отсто, речникот на општите избори, би „го минале прагот“ воопшто да бидат власт, дел од законодавната, а не пак од извршната власт?
Ако демократијата подразбира доверба од граѓаните и редовно „одмерување“ на довербата како демократски израз, тогаш колку е „демократска“ судската власт, којашто никому не полага сметка ниту и влијае довербата?
А државата тоне три ипол децении заради „независноста“ на овој исклучително важен столб, којшто сериозно влијае на работата и на законодавната и на извршната власт.
Вака споредено, независноста на судската власт е претворена во недемократски авторитарен, тоталитарен режим којшто освен сам пред себе, не одговара никому, особено не на народот.
Како во најтоталитарни режими, како во најкомунистички манири, сметките си ги порамнуваат сами пред себе; дури и чистките и судирите им се такви. Никогаш не дознавме на што мислеше Црвенковска со „бизнис политички притисок“ пред да дојде Дамева или кој тоа правел притисок кога неа и го земаа па и го вратија местото? Мукла! Ниту збор. Мислиш, мафија е, не судско обвинителска фела.
Да се разбереме, по овие три ипол децении лично сметам дека со поддавањето кон носителите на извршната власт, токму судската власт корумпира, расипува и ја става државата во подредена состојба знаејќи дека не таа, судската, туку токму другите власти, законодавната и извршната ќе го понесат товарот на избори.
35 години оваа разработена шема ги вшмукува во своите шеми, им нуди лажна моќ за да преживее, за потоа да ги исфрли од системот, на избори спасувајќи се себе си.
Во лажната податливост ќе ги истакнува ликовите како Јовески или Катица, како Бубевски, Фатиме, како Кацарска, како Вилма како Весна Дамева, Осман Шабани… Или Наташа Габер од Академијата со „променлива адреса“ за време на конкурси, случајно за да не им се приклучи во кастата за која имаше место дури и за студентот син на Џафери.
Моќна е таа каста што може да апсорбира и 600 нови члена во еден ден 1996 година.
Оваа тоталитарна судска власт исмевајќи се на сите и на сметка на својата независност, за најголем борец со организираниот криминал избра роднина на Али, а за главен реформатор го призна Зоран Заев.
Македонската авторитарна судската власт молкум 35 години управува и влијае многу повеќе од другите две власти: од неа зависи правната сигурност, зависи образованието, поведението, криминалот, корупцијата, економијата, безбедноста…
Затвора и пушта пратеници за гласање, затвора и пушта министри по волја, одлучуваше дури и за плати и за јазици кога сама ќе оцени дека и е угодно, можеби и за „забава“ што во моментот ќе ја предизвика во општеството.
Од оваа тоталитарна власт како идеален третина дел од демократската власт (?) зависи се, зависи принципот на награди и казни, зависи еднаквоста на граѓанинот пред државата, зависи и резултатот на изборите. Зависи и кој осуден ќе лежи или нема да лежи па макар и изгазил човек на Стража додека е во затвор (!?)
И воопшто никој, ниеден судија или обвинител, не понел одговорност за пресуда за која државата плаќала потоа отштета или некој одговарал со свој образ за заборавен во притвор, вон сите мерки.
Сите власти се менливи, само судиите и обвинителите, тие се незаменливи. Тие се уиграни. Ухлебени до крај на живот. Виша раса, виша каста, ројалистички сталеж со свои наследници распоредени во судовите и во обвинителските клупи.
Молкум управуваат со државата и со животот во неа, управуваат со демографијата, бројот на жители и дали воопшто некој може да преживее.
Кој како сака нека го оценува овој текст, ова е мое видување.
Мое е да сакам, а сакам, да споделам што мислам, а мислам дека правото и правдата со вака поставени работи одамна не можат да преживеат тука. Да кажам додека барем мислењето не почнат да го судат. А имаа и таква намера.
За очекување е нивниот отпор кон тоа некој да им ја одземе тоталитарноста; впрочем и тоа го прави со веќе препознатлив тривијален начин.
На сите им е јасно дека на тукашната демократијата и требаат три здрави столба. На два, докажано не стои.
И работите мора да се менуваат од корен. Еднаш, што побргу, оваа власт од 35 години ќе мора да се соочи со својот рејтинг. Токму тоа победи и на последните избори.
Или тоа, или па да останеме целосно потопени во нејзината тоталитарност и да не си играме демократија?