Иако Велики петок е ден на голема жалост, сепак овој ден треба да им послужи на христијаните длабоко да се замислат за животот. Христос го дал својот живот за ние да живееме, за да нè спаси. Но дали ние живееме живот достоен за Христос? Дали простуваме? Дали правиме добро?
На овој голем празник, секој верник треба да ги направи овие 3 работи:
Строг пост
На овој ден се пости и тоа строго! Се јаде само леб и се пие вода. Според народното верување, на овој ден не се јаде коприва, но ни риба. Секој верник ќе го испочитува овој голем празник со пост и со молитва. На овој ден не се пали оган во домовите и не се меси леб.
Не се работи по дома и на поле
Ова е ден посветен на преиспитувањето. На Велики петок домаќинките не готват. Овој ден е резервиран за мир, тагување, молитва и бојосување јајца. Се бојосуваат јајца цел ден, во што пошарени бои, а првото бојосано јајце се вика чуваркуќа, се бои во црвена боја и се остава на издвоено место една година, за да го чува домот.
Провлекување под плаштаница
На Велики петок не се служи литургија во црква, освен ако се поклопи со Благовестие. Од Велики четврток до Велигден не се огласуваат ѕвоната на црквите, бидејќи тие во православната црква се знак за радост.
Плаштаницата се поставува на посебно украсена маса (Христовиот гроб), пред олтарот. Во некои краеви, обичај е верниците по бакнувањето на плаштаницата, да се провлекуваат под масата на која е положена.
Според народното верување, при провлекувањето, треба да му се помолат на Бог и да замислат некоја убава желба и таа желба ќе биде исполнета.