Преку изложби, фотографии и презентации на факти и сведоштва и прикажување на канадскиот документарен филм „Неброен народ: Нераскажаната приказна за Ромите“, посетителите имаа можност да се информираат за прогонот и истребувањето на Ромите во Европа.

– „Да не се заборави и да не се повтори“ е паролата која се пренесува од генерација на генерација. За ромската заедница овој датум значи болка и траума, особено за семејствата на жртвите од Холокаустот, но и претставува силен поттик за барање на правда, еднаквост и борба против дискриминацијата, изјави Шенас Имер, програмски координатор на проектот на УСАИД за инклузија на Ромите.

Таа додава дека ја следат работата на владините институции за одговорноста кон решавање на ромските прашања и потреби и се посветуваат кон намалување на дискриминацијата врз Ромите и подобрување на нивната вклученост во општеството.

Во спомен на сите 500.000 убиени Синти и Роми во Европа за време на Втората светска војна, во 2015 Европскиот парламент го прогласи 2 август за европски Ден на сеќавањето на холокаустот врз Синтите и Ромите. На овој ден во 1944 година се убиени последните 4.300 Синти и Роми во нацистички концентрационен логор Аушвиц-Биркенау.

Како и Евреите, така и Синитите и Ромите биле третирани како граѓани од втор ред и врз нив се спроведувало системско истребување. Се проценува дека околу половина милион Синти и Роми биле жртви на нацистичката политика на прогон и истребување.

Проектот на УСАИД за инклузија на Ромите го спроведува Институт за истражување и анализа на политики – РОМАЛИТИКО во партнерство со Здружението на граѓани РОМАВЕРЗИТАС, Иницијативата за економски развој на Ромите – РЕДИ, Организацијата за јакнење и организирање на ромската заедница РОМАНО АВАЗИ.

Цел на проектот е да ја мотивира ромската заедница и граѓанските организации да преземат лидерски улоги во развојот и спроведувањето на националните стратегии и политики кои се однесуваат на вклученоста на Ромите