Осама бин Ладен беше водач на терористичката организација Ал Каеда, своевремено најбараниот човек во светот кој е убиен на денешен ден пред 10 години.
Тој е убиен на 2 мај 2011 година во напад на американските специјалци на комплексот кој е околу 60 километри оддалечен од Исламабад, главниот град на Пакистан. Потрагата по него траеше повеќе од 10 години поради организирање на неколку терористички напади кои неговата организација ги извршила за време на 90-те години и 2000-та година.
Бин Ладен го презема водството над Ал Каеда во 1989 година, кога е убиен неговиот ментор Адбулах Азам. За време на неговиот живот има одржано само една конференција за новинари, на која и објави војна на Америка, обвинувајќи ја за сквернавење на „светата арапска земја“.
Гневот на народот го навлече после нападите во Њујорк на 11 септември 2001 година. Ал Каеда тогаш киднапираше четири американски авиони. Два од нив се забија во Светскиот трговски центар во Њујорк. Третиот се заби во Пентагон во Вашингтон, а четвртиот авион се сруши во рурален дел од Пенсилванија откако патниците во авионот пружија отпор на киднаперите. Во овие напади трагично загинаа 3000 луѓе.
По нападот, бин Ладен со семејството се криел неколку години, најмногу во Пакистан. Се верува дека престојувал во пограничниот град Пешвар и во руралната долина Сват. После неколку години, неговите најблиски соработници одлучуваат дека е вистинско време лидерот да престојува на едно место и избран е градот Аботабад во кој купиле плац со површина од еден хектар и изградиле куќа.
Куќата е изградена на два спрата, оградена со бетонски ѕидови кои биле обложени со бодликава жица. Резиденцијата е уредена така што е самостојна и изолирана од останатиот свет. Осама во кругот на својот имот не поседувал ниту интернет, ни телевизор, саделе овошки и зеленчук, а отпадот не го исфрлале туку го спалувале на посебно место.
Во куќата лидерот на терористите живеел со своите жени, деца, како и со неколку најблиски соработници.
Убиството на Осама бин Ладен
Еден од припадниците на специјалната единица „Фоки“ на армијата на САД во неговата книга пишува како изгледало убиството на Осама бин Ладен. Мет Бисонет, за кого се верува дека го убил лидерот на Ал Каеда, вели дека нападот на тврдината била изведена со неколку хеликоптери.
Според негово кажување, операцијата е замислена така што специјалците би се спуштиле со хеликоптери и потоа би го убиле водачот на Ал Каеда, но се комплицирало кога хеликоптерот, во кој бил Бисонет, се сруѓил во дворот од куќата во која се криел Бин Ладен.
Бучавата која хиликоптерите ја направиле го разбудиле Бин Ладен и неговите курири, а еден од нив, Ахмед Ал Кувајти, започнал да пука на специјалците. Во моментот кога се обиделе да возвратат на оганот, на вратата се појавила сопругата на Ал Кувајти со деца и бебе во прегратките. Жената рекла дека нејзиниот маж е убиен, а откако го виделе како лежи на земја покрај неа, Бисонет, тргнал во делот од зградата во која се наоѓал Бин Ладен.
Специјалците потоа се качиле на вториот спрат, каде со експлозив ја разнеле металната врата која го делела тој дел од куќата со приземјето. Веднаш потоа пукале во човек за кој подоцна беше откриено дека бил Калид, еден од синовите на Осама бин Ладен, кој не пукал во самоодбрана. Во моментот додека се приближувал кон третото ниво од куќата, Бисонет тврди дека слушнал чекори и звук од полнење на пушка. Тогаш следел и рафал. Бисонет пукал кон човек кој стоел зад врата.
Специјалците втрчале во просторијата и таму затекнале две жени како плачат над телото на мртов маж. Според неговото кажување, мажот бил погоден во десниот дел од главата. Тој и уште еден негов колега испукале уште неколку куршуми во градите додека не престанал да дише. Најмалку тројца од неговите деца присуствувале на убиството.
– Мислам дека ова е нашето момче, изјавил еден од членовите на експедицијата, кој Бисонет го ословува со Том.
Погребот на најозогласениот терорист во светот
Откако е утврдено дека убиениот човек е Осама бин Ладен, војниците неговото тело го пренеле на брод и го погребале во Северно Араспкото море. Оправдувањето на официјалните лица за тоа се контрадикторни. Првото беше дека тие стравуваа дека, ако водачот на тогаш најсилната терористичка група биде погребан на копното, многу од следбениците на Осама ќе го претворат неговиот гроб во свето место, каде што ќе се собираат.
Според втората верзија, „една земја“ не сакала да дозволи телото на Осама да биде погребано на нивна територија. Се шпекулира дека таа земја е Саудиска Арабија, каде Осама бин Ладен е роден.
Тогаш е донесена одлуката да биде погребан во море. Војниците, како што е наведено, ги испочитувале исламските обичаи кои налагаат починатиот човек да биде избањат, замотан во бело платно и погребан 24 часа по смртта.
И покрај тоа што последното збогување со Бин Ладен се одржа во носач на авиони со илјадници членови на екипажот, само неколку лица присуствувале на погребот.
Во времето кога беше убиен Осама бин Ладен, тој имаше 54 години, оставајќи зад себе три жени, а се проценува дека имал помеѓу 20 и 26 деца.
Барак Обама одби да објави фотографии од убиениот лидер на Ал Каеда, а со тоа и да ги спречи шпекулациите дека Осама бин Ладен е сè уште жив.