Тематскиот панел беше фокусиран на размена на мислења за процесот на проширување на Европската Унија, при што се дискутираше за предизвиците во пристапниот процес на регионот во светлото на новата методологија за преговори, користењето на фондовите од Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан и стратешката комуникација на ЕУ со регионот.
Вицепремиерот Димитров истакна дека новата методологија за пристапни преговори може да внесе нова динамика и поголема веродостојност на пристапниот процес само ако е правилно применета, за што е потребна заемна посветеност – и на земјите кандидати, и на Европската Унија.
– Ако се вратиме на основите како што предвидува и самата методологија, не смееме да го заборавиме базичното правило дека процесот на пристапување е двостран и подразбира испорачување на обете страни. Крајно време е Унијата да испорача кон Северна Македонија, исполнувајќи го сопственото ветување за почеток на преговори откако земјата ги исполни сите услови, истакна Димитров.
Димитров дополни дека Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан е признание од страна на ЕУ дека треба да стори повеќе за регионот за да го одржи процесот на европеизација, како подадена рака за фундаментални реформи, брза имплементација и регионална економска интеграција.
Партнерството за соочување со глобалните предизвици е важно и за подобрување на стратешката комуникација, но сѐ се заснова на тоа колку граѓаните може да веруваат на зборовите на Брисел и главните градови на ЕУ.
Учеството на граѓаните од регионот во Конференцијата за иднината на Европа ќе претставува повеќе од политички сигнал, а особено важно е вклучувањето на младите генерации кои и во буквална смисла на зборот се иднината на Европа. ЕУ нема што да изгуби, но има многу што да добие со вклучување на сите граѓани од европскиот континент во оваа пан-европска платформа за демократијата и иднината.