Вупниот буџет, кој опфаќа неколку институции, изнесува 9,13 милијарди денари наменети за основните буџети на МЗШВ, Платежната агенција, Агенција за поттикнување и развојот на земјоделство, Агенција за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за земјоделство, Државниот инспекторат за шумарство и ловство и Управтаа за хидрометереолошки работи.

Заменик-министерот Трајан Димковски денеска на прес-конференција соопшти дека најголема сума во износ од 1,27 милијарда денари од буџетот на МЗШВ е наменет за Управата за водостопанство затоа што, рече, веќе неколку години го потенцираме значењето на обезбедување услови за развој на стабилно, конкурентно и модерно земјоделско производство.

-Тоа не е можно без вода. Затоа и во 2022 година продолжуваме со инвестиции во водостопанството кои опфаќаат продолжувње на започнатите проекти и изградба на нови системи. Буџетот на МЗШВ за 2022 година споредено со 2021 е зголемен за 255,7 милиони денари и овие средства се главно насочени во водостопанството, односно 165,5 милиони денари од зголемената сума во буџетот за 2022 година се наменети за проекти за водостопански капитални инвестиции. Ова е логичен чекор креиран од потребата за стабилно наводнување и во насока на намалување на влијанието на климатските промени. Институции кои функционираат со сопствен буџет продолжуваат и во 2022 година со истиот буџет како и за 2021, истакна Димковски.

Основниот буџет на МЗШВ за 2022 година е проектиран на 2,025 милијарди денари кои, како што рече, ќе овозможат континуитет во реализирање на мерките и политиките за развојот на земјоделскиот сектор.

Останатите средства од буџетот на МЗШВ се наменети за инвестиции во земјоделство и руралниот развој, во износ од 279 милиони денари, потоа во шумарскиот сектор во износ од 223 милиони денари, од кои 197 милиони денари за шумската полиција, 28 милиони денари за програма за шумарство и ловство.

Како и секоја година, најголем дел од средствата од буџетот на секторот земјоделство се алоцирани во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

За капиталните инвестиции за руралниот развој се издвоени 1,15 милијарди денари, кои ќе бидат распоредени со цел континуирано реализирање на Програмата за финансиска поддршка за руралниот развој.

Новина што го разликува овој буџет од буџетот за 2021 година, посочи Димковски, се средствата за отпочнување мали бизниси стартап проекти со грантови до 10.000 евра, дуплиран износ за мерката „Рурална жена“ од 3.000 на 6.000 евра неповратен грант и демаркација на средствата од ИПАРД-програмата за вредност од 351 милион денари насочени за зголемување на националното кофинансирање за примарното производство од 10.000 евра.

-Буџетот е креиран домаќински, без непотребни трошоци и со силен стимулативен ефект за развој и заштита на земјоделството производство и приближување до европските земјоделски политики, Искрено се надевам дека и во услови на светска здравтсвена и економска криза ќе успееме да продолжиме да го развиваме земјодлскиот сектор, рече Димковски.