Линерано а не процентуално зголемување на платите во образованието. Прогресивниот синдикат на образованието (ПСО) при ССМ се залага и преговара со Владата за еднаквост на сите просветни работници. Да се штрајкува а сите да добијат по 2806 денари. Процентуалното зголемување на кое СЕГА инсистира СОНК носи раздор и поделби, сметаат од ПСО.
Па така:
–Наставникот со основица ќе добие зголемување за 2.400 денари
–Наставникот ментор, директорот, помошниците директори, раководителите на смени 3.000 и над 3.600 денари
–Лидер на синдикат кој е професионалец во синдикат или регионален претставник на синдикат ќе добие 6.000 па до 18.000 денари!
Е каде е тука грижата и интересот за работниците?
Во сопствените џебови ли? -прашува Владо Димовски од ПСО.
Нека си ја пресметаат процентуалната разлика наставниците на своите плати од 24.000 денари и на вработените во СОНК со плати до 70.000 денари па ќе ги видат разликите и поради што СОНК ги втурна во штрајк.
Правата на просветните работници не се бранат кога ќе ви кажат од партија и ќе ви дадат јавна поддршка. Правата се бранат континуирано преку цела година и со години.
Наставниците и другите вработени во образование кои штрајкуваат се само инструмент на раководството на СОНК. Не може само наставниците да понесат одговорност за изгубената настава на учениците. Тука се вмешани многу други страни кои се подржувачи или поттикнувачи на избрзаната или нарачана одлука за штрајк, додава Димовски.
Лидер: Сите “стрели“ околу штрајкот на СОНК се фрлени токму врз Прогресивниот синдикат на образованието. Како членка на ССМ ве обвинуваат и дека не ги браните правата на просветните работници туку зад вас се крие политиката на актуелната власт. За што навистина се бори ПСО?
-Нашата поддршка СОНК ја имаше од самиот почеток на заговарање на штрајкот. Просветните работници кои се членови на ПСО и ден денес се вклучени во штрајкот и штрајкуваат во своите средини. Ако би имало тука политика како што велат од СОНК односно Претседателот на СОНК (бидејќи само тој фрла стрели) зарем ние како ПСО би давале поддршка на организаторите на штрајкот. Со самото тоа што ние како ПСО при ССМ учествуваме во преговорите за реализација на Законот за минимална плата и скалестото зголемување на платите во јавниот и приватниот сектор линеарно за 2. 806 денари е демант на тврдењата на СОНК. Правата на просветните работници не се бранат кога ќе ви кажат од партија и ќе ви дадат јавна поддршка. Правата се бранат континуирано преку цела година и со години. Ниеден организиран штрајк или протест од недела-две нема да ги доведе до идеално задоволство правата на просветните работници. Правата на просветните работници не се само во платите. Просветните работници не можат да дадат квалитетно образование од мешањето на политиката во образованието, од лошите реформи, од избрзаните реформи, од негрижата на властите за образованието изминативе 25 години, не е тоа од минатата недела кога започна штрајкот. Токму затоа синдикатите од образованието, меѓу нив и ПСО треба континуирано да се занимаваат со проблемите во образованието, да нудат решенија и да вршат притисок на МОН за подобрување на квалитетот во образованието а со тоа и поголема грижа за социјалниот статус на наставниците.
Лидер:СОНК не прифаќа 10 процентно зголемување на платите, и столче за преговори кое води до промена на колективниот договор и подобрување на условите за работа на просветарите. Ако ова е “црвената линија“ на Владата, што добива СОНК понатаму со штрајкот и што би значела нива отстапка, прифаќање на процент помал од 18,4?
-СОНК е партнер во преговорите само на хартија. СОНК во преговорите е инаетчија а со инает и закани не се постигнува никаков напредок во ниедни преговори за подобрување на статусот на просветните работници. Консензусот за СОНК секогаш во изминативе години значел потпишување на Спогодба а не спроведување на Колективниот договор.
СОНК не прифаќа 10% зголемување бидејќи со тоа зголемување нивните плати малку ќе пораснат. Самиот Претседател на СОНК изјави дека вреди повеќе од колку што зема плата без да се запраша колку вредат наставниците кои секојдневно се со по 30 до 35 ученици и со по 5 до 7 часови дневно. Не му ја знам целта на СОНК односно главното барање кое им е. Прво излегоа со барање за 45.000 денари плата за наставниците, па со почитување на колективниот договор иако него одамна не го почитуваат, па со 18,4% колку што е зголемувањето на минималната плата според Законот за минимална плата.
Знаете што би значело процентуално зголемување на платата на наставниците и процентуално зголемување на платата на Претседателот на СОНК. Нека си ја пресметаат процентуалната разлика наставниците на своите плати од 24.000 денари и на вработените во СОНК со плати до 70.000 денари па ќе ги видат разликите и поради што СОНК ги втурна во штрајк.
Лидер: Зошто ПСО се залага за линерано а не процентуално зголемување на платите?
-Токму процентуалното зголемување на платите во образованието ќе донесе раздор во многу наставнички колективи. Трката на наставниците по лиценци за директори, трката на наставниците за лиценци за ментори и други кариерни придобивки веќе создаде разлики во платите на наставниците со исто образование. Со сето тоа уште повеќе ќе опадне квалитетот на образованието, ќе има големо незадоволство и кај раководниот кадар во училиштата кој ќе има помала плата од наставник-ментор. Тоа и сега некаде во некои училишта го има и веќе се појавуваат одредени негодувања а со процентуалното зголемување уште повеќе ќе расте незадоволството и разликите во примањата. Во моментов еден ментор во некои училишта има поголема плата од директорот а драстично поголема од наставникот со 24.000 денари основна плата. На крајот од краиштата процентуалното зголемување (ајде да го земеме како пример процентот од 10%) на наставникот со 24.000 денари ќе му донесе 2.400 денари али пак затоа на наставникот ментор, директорот на училиштето, помошниците директори, раководителите на смени и други лиценцирани наставници му носи 3.000 и над 3.600 денари. Да не набројувам или споменувам лидер на синдикат кој е професионалец во синдикат или регионален претставник на синдикат , разни функционери во јавниот сектор и други. Зголемувањето ќе им биде од 6.000 па до 18.000 денари.
Е каде е тука грижата и интересот за работниците?
Во сопствените џебови ли?
Токму затоа ПСО се залага за линеарно зголемување на платите за да нема драстични разлики во платите и да нема незадоволство кај наставниците.
Нашите истражувања ги покажаа овие резултати. Истражувањата беа јавни и достапни за секој кој сакаше да учествува во нив.
ПСО нема платени раководители, нема хонорирани членови и нема никакви додатоци за активизам, во моментов се е на волонтерска основа.
Лидер: Дали ПСО преговара со Владата?
-Да. ПСО како гранков синдикат при ССМ е партнер во преговорите со Владата и тоа не е никаква тајна. Дали на преговарачка маса со владата седи Претседателот на ССМ, Претседателот на било кој гранков синдикат при ССМ или делегација од ССМ која го претставува и ПСО во преговорите, целта е иста. Спроведување на законот за најниска плата во приватниот и јавен сектот и скалесто зголемување на платите кај сите вработени линеарно покачување од 2.806 денари од работник до директор.
Разликата во преговарањето помеѓу ССМ и и другите синдикати не се личните интереси туку интересите на работниците. ССМ не води инает нити уценува, преговара и исполнува ветувања.
Лидер: Дали и како штрајкувачите треба да понесат одговорност за изгубената настава и ускратувањето на правото на образование врз децата?
-Наставниците и другите вработени во образование кои штрајкуваат се само инструмент на раководството на СОНК. Тоа го имам јас лично а и моите колеги почувствувано на свој грб со штрајкот во 2015 година во образованието. Не може само наставниците да понесат одговорност за изгубената настава на учениците. Тука се вмешани многу други страни кои се подржувачи или поттикнувачи на избрзаната или нарачана одлука за штрајк. Во јавноста се појавија многу, многу душегрижници со поддршка на штрајкот кои скоро до вчера беа силни непријатели на наставниците и кои сметаа (веројатно сеуште сметаат) дека наставниците не работат, дека имаат цело лето одмор, дека имаат цел јануари зимски одмор, непознавајќи ги притоа работите кои ги работат наставниците и вработените во образованието. Го имавме тој пример на притисок со протести минатата година на една ФБ група родители во екот на пандемијата кога се бараше по секоја цена да има физичко присуство на учениците во училиштата. Во секоја „игра“ на возрасните и „зрели“ организатори на било какви превирања во образованието или воведување на неадекватни реформи учениците се секогаш за жал колатерална штета. Токму затоа образованието ни е таму каде што е последниве 25 години, вели во интервјуто за Лидер, Владо Димовски-
Прогресивен синдикат на образование при ССМ.