Европската унија и Јапонија се договорија да ја зајакнат соработката во развојот на дигиталните технологии, кибер-безбедноста и вештачката интелигенција.

Говорејќи по Самитот ЕУ-Јапонија во Токио, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен синоќа рече дека „лидерството во оваа област е клучно за нашата конкурентност и безбедност“.

Дигиталното партнерство меѓу Брисел и Токио е прво од таков вид што ЕУ го има склучено со друга земја.

„Двете страни се согласија на стратешко партнерство за зајакнување и диверзификација на синџирите на снабдување, како што се полупроводниците“, рече Фон дер Лејен по средбата со јапонскиот премиер Фуми Кишидо.

Европската унија и Јапонија сакаат поблиску да соработуваат во други области.

Според јапонскиот премиер, обете страни се согласиле да соработуваат за да се постигне „слободен и отворен“ Индо-пацифик, како и економска и енергетска безбедност.

Фон дер Лајен и во оваа прилика ја посочи Русија како „најдиректната закана“ за меѓународниот поредок, притоа поздравувајќи го „силниот“ одговор на Јапонија на руската агресија врз Украина.

Јапонија е една од петте држави од индо-тихоокеанскиот регион која реши да воведе санкции против Москва заради инвазијата.

„Руската инвазија на Украина не е само прашање на Европа, туку го потресува самото јадро на меѓународниот поредок, вклучително и Азија. Тоа не смее да се толерира“, рече Кишида. Како членка на Групата седум водечки демократски економии (Г7), Јапонија неодамна покрај другите санкции, се согласи постепено да го укине или забрани увозот на руска нафта. Таа мерка се уште не е договорена од страна на државите-членки на ЕУ.