Владините одуки за стратешките инвестициски проекти Соларна електрична централа – Пехчево, Соларен парк Стипион, Митилинеос когенеративна постројка Скопје и „Аим грин тек кои по скратена постапка се разгледувани на собраниска седница се невалидни, сметаат од Здружението на инженери на Македонија.

Тие велат дека според Законот за стратешки инвестиции, член 9, треба да да се формира комисија за стратешки инвестициски проекти со постојани членови претседател на Владата, заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, министерот за финансии министерот за животна средина и просторно планирање, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, министерот за економија, министерот за транспорт и врски, генералниот секретар на Владата и министерот без ресор задолжен за странски инвестиции. Според тој член повремени членови на комисијата треба да се министри од областа во којашто се спроведува стратешкиот инвестициски проект, градоначалници на општините во кои се спроведува проектот и претставник од надлежно регулаторно тело.

„Владата на 25 септември 2020 годна ја формира Комисијата за стратешки инвестициски проекти во која членуваат Зоран Заев, претседател на Владата на Република, Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Бесими, министер за финансии, Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање, Аријанит Хоџа, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Крешник Бектеши, министер за економија, Благој Бочварски, министер за транспорт и врски и д-р Драги Рашковски, генерален секретар на Владата.

Според членот 15 став 7 од Законот за стратешки инвестиции „Владата ја донесува одлуката за утврдување статус на стратешки инвестициски проект во рок од седум дена од денот на добивање на предлог од Комисијата.“

Од овие законски одредби и од дописите на Владата до претседателот на Собранието на Македонија со кои дописи се поднесени предлозите на закони и договорите за реализација на четирите стратешките инвестициски проекти, произлегува дека Владата овие предлози ги доби од комисијата во рокови не подолги од седум дена, односно, не порано од 9 јануари 2024 и 15 јануари 2024 година (според датумите на одржаните седници на Владата кога овие проекти се утврдени за стратешки – 16 јануари и 22 јануари).

До денот на усвојувањето на предлозите на Комисијата од страна на Владата, во Службен весник не е објавено ново решение за именување постојаните членови на Комисија за стратешки инвестициски проекти со кое ќе се поништи Решението донесено на седницата на Владата на 22 септември 2020 година, од каде произлегува дека Комисијата која одлучувала со мнозинство гласови од вкупниот број на постојани и повремени членови согласно членот 9 став 3 од Законот за стратешки инвестиции, одлучувала во состав кој е спротивен на Законот и Одлуката на Владата од 22 септември 2020 година, односно постојани членови на Комисијата не можеле да бидат: Зоран Заев, претседател на Владата на Република С. Македонија, Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање, Аријанит Хоџа, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и д-р Драги Рашковски, генерален секретар на Владата.

Владата морала претходно со Решение да ги определи за постојани членови Димитар Ковачевски како претседател на Владата, Каја Шукова како министер за животна средина и просторно планирање, Љупчо Николовски како министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и Методија Димовски како генерален секретар на Владата.

Оттука произлегува дека предлог законите и договорите за четирите стратешки инвестиции се донесени со невалидна владина одлука и со таква одлука истите се доставени до пратениците во Собранието“, реагира Здружението на инженери на Република Македонија.