Вакцинацијата против коронавирус во ЕУ оди многу бавно. Главната причина е недостатокот на вакцини. Затоа европските политичари се повеќе ја споменуваат можноста за одобрување на руската вакцина „спутник В“ и во ЕУ. Европската агенција за лекови (ЕМА) ја тестира оваа вакцина од почетокот на март. На почетокот на април, ЕУ испраќа свои експерти во Русија за да дознаат повеќе за резултатите од клиничките истражувања и начинот на производство на самото место.
Досега на производителите, ниту во Русија ниту во ЕУ, не им успеа да го зголемат производството до толкава мера што ќе се задоволи домашната и меѓународната побарувачка. И покрај тоа, Москва е оптимист.
Рускиот вицепремиер Татјана Голикова, задолжена за сузбивање на пандемијата, неодамна објави дека Русија планира да произведе вкупно 178 милиони дози руски вакцини во првата половина на годината – спутник В, ЕпиВакКорона и КовиВак. Како и кај повеќето вакцини против коронавирус, тие мора да се даваат двапати.
Во исто време, повеќе од 30 милиони луѓе треба да бидат вакцинирани во Русија до средината на јуни, објави неодамна агенцијата Тасс, повикувајќи се на рускиот министер за здравство, Михаил Мурашко. За тоа се потребни околу 60 милиони вакцини.
Тогаш остануваат 118 милиони дози за извоз, односно вакцини за околу 59 милиони луѓе.
Рускиот инвестициски фонд (РДИФ), кој ја продава и промовира во светот вакцината „спутник В“, објави дека повеќе од 50 земји во светот чекаат на вакцината. Фактот што толку многу земји веќе го одобрија „спутник В“, во Русија се слави како голем меѓународен успех. Според РДИФ, повеќе од 1,5 милијарди луѓе живеат во сите овие земји.
Сепак, Русија нема производствен капацитет за производство на толку многу вакцини – и нема да ги има во догледна иднина. Поради тоа, Кремљ единственото решение за овој проблем го гледа во започнувањето на производството надвор од Русија.
„ Со цел да се задоволи глобалната побарувачка за нашата вакцина, работиме на трансфер на нашата технологија во странство. Со десет земји веќе се склучени соодветни договори за изградба на производствени капацитети”, рече рускиот министер за индустрија, Денис Мантуров за време на видео консултација со претседателот Владимир Путин.
Според извештаите, вакцината веќе се произведува во Казахстан, Белорусија, Индија, Јужна Кореја и Бразил. Покрај тоа, РДИФ потпиша договор со швајцарската компанија „Adienne Pharma & Biotech“ за производство на „спутник В“ во нејзината фабрика во Италија. Треба да започне со производство во јули и до крајот на годината таму треба да се направат десет милиони дози.
Во средата, пристигна веста дека рускиот концерн Р-Фарм планира да започне со производство на вакцина „спутник В“ во својата фабрика во Илертисен, Баварија. Десет милиони вакцини може да се произведат таму од јуни, изјави за агенцијата ДПА, менаџерот на Р-Фарм, Александар Биков. Сепак, зависи од тоа дали ЕМА ќе даде зелено светло за употреба на таа вакцина.
Како можни локации, покрај Италија и Германија, се споменуваат и Австрија, Франција и Шпанија.