Според најновите податоци на Државниот завод за статистика лани работеле 73.061 деловни субјекти, за разлика од преклани кога активни биле 75.914. Лани се затворени околу 1.000 трговски фирми, седумдесетина кои даваат услуги со сместување и храна, 350 од преработувачката индустрија, близу 200 од земјоделската дејност.

Најмногу се намалил бројот на активните деловни субјекти во секторот други услужни дејности, за 15,2 проценти, односно во тој сектор згаснале 911 субјекти. Во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација намалувањето е за 11,6 проценти, односно за 26 субјекти. Зголемен број на фирми има во здравствениот сектор и тоа за 1,9 проценти и во секторот информации и комуникации каде има пораст од 1,4 проценти.

Најголемо учество имаат компаниите од секторите трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли со 30,4 проценти и од преработувачката индустрија со 11 проценти. Најмала застапеност имаат секторите снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (0,3 проценти), снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината (0,3 проценти), рударство и вадење на камен (0,3 проценти) и јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (0,4 проценти).

Најбројни, дури 82,1 процент се фирмите со еден до девет вработени. Потоа следат оние без вработени или со неутврден број вработени кои учествуваат со 8,3 проценти, па субјектите со 10 до 19 вработени со 4,4 проценти, потоа субјектите со 20 до 49 вработени, чие учество изнесува 3 проценти, со 1,9 проценти учествуваат субјектите со 50 до 249 вработени и само 0,3 проценти од активните деловни субјекти имаат над 250 вработени.