Има 14 институции од основно, средно и високо образование, чии објекти треба да станат пристапни за учениците со атипичен развој, соопшти министерката Мила Царовска при посетата на основното училиште со ресурсен центар „Д-р Златан Сремец“.

Таму денеска беше промовирана опрема – дидактички и сензорни уреди и алатки кои ќе поддржат 12 типа услуги, кои училиштето ги испорачува како ресурсен центар. Опремата е обезбедена од Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ преку проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“, поддржан од Детската фондација „Песталоци“.

Училиштето „Д-р Златан Сремец“ е меѓу петте кои се трансформираат од специјални основни училишта во училишта со ресурсни центри и кое вработи дел од 500-те образовни асистенти ангажирани од почетокот на оваа учебната година со буџет на МОН.

Министерката Царовска истакна дека трансформацијата на посебните основни училишта во ресурсни центри не само што почна, туку и успешно се спроведува и дека е подобрен квалитетот на образованието и пристапот до образование за секое дете, независно од неговиот развој.

– Тоа е голем исчекор за сите ученици во нашата држава. МОН и Владата беа посветени да постигнеме поинаков стандард во инклузивноста. Токму затоа оваа учебна година се воведоа 500 образовни асистенти кои дневно им даваат поддршка на учениците, но, исто така, и на наставниците во редовните училишта за да може да постигнеме подобар квалитет, но и да го искористиме потенцијалот на секое дете во државата. Овие ресурсни центри, поранешните посебни училишта, имаат обврска да обезбедат технички услови и поддршка за образовните асистенти, како и за наставниците, истакна Царовска.

Таа додаде дека покрај финансирањето од МОН, за современа опрема во ресурсните центри, од која ќе има подобри ефекти кај учениците со атипичен развој, придонесуваат и донациите од партнерските организации, како Здружението „Отворете ги прозорците“ и Фондацијата „Песталоци“.

Директорката на „Д-р Златан Сремец“, Марија Делетиќ на промовирањето на опремата рече дека многу успешно и забрзано училиштето со ресурсен центар ја трасира својата улога во образовниот систем. Од непроценливо значење за функционирањето на ресурсниот центар, рече таа, се донациите од Фондацијата и Здужението во три наврати во рамки на проектот „Образование на деца со посебни потреби“.

– Преку овие донации се обезбедени специфични наставни надгледни средства, реквизити и сета потребна опрема за непречено функционирање и развивање на специјаизираните услови. Целта на донацијата е да обезбеди што поголем број ресурсни услуги кои ќе стигнат до што поголем број ученици инклузирани во основните училишта, рече Делетиќ, додавајќи дека опремата ќе ја користат не само учениците запишани во „Д-р Златан Сремец“, туку и околу 150 ученици со атипичен развој во редовни училишта во регионот кој со образовни асистенти е покриен од ова училиште со ресурсен центар.

Маргарита Гулевска, извршна директорка на Здружението „Отворете ги прозорците“ истакна дека од 2005 се посветени на поддршка на инклузијата во општеството, а од 2010 се посебно активни на поддршка на инклузивно образование преку различни проекти.

– Од пред две години во партнерство со Фондацијата „Песталоци’ инвестираме во 14 училишта да се подобри инклузијата во образованието. Оваа донација денеска и инвестицијата во „Д-р Златан Сремец“ е дел од активностите на проектот што го спроведуваме. Знаеме колку се битни материјално-техничките услови за училиштето да обезбедува услуги – речиси еднакво како и човечките ресурси, истакна Гулевска.