Не велам дека ова е максималното што можевме да направиме, напротив, секогаш може повеќе, меѓутоа ве уверувам дека нашите уставни и деловнички обврски ќе продолжат и понатаму да бидат основната рамка во која ќе се движи Собранието на Република Македонија.
Ова денеска го соопшти претседателот на Собранието Талат Џафери во својата завршна годишна изјава. Тој посочи дека и оваа година Собранието и пратениците работеле следејќи ги протоколите за заштита од КОВИД -19. Потсети дека пленарните седници се одржуваа во Големата сала на Собранието, попозната како Купола.
– Поради протоколите беа прекинати и организираните посети на граѓаните во Собранието и се одвиваа на виртуелен начин. Оваа година имавме и редовни локални избори кои наметнуваат одредени ограничување врз основа на Деловникот за работа на Собранието, за работа во време на изборни активности така што во тој период не одржувавме пленарни и комисиски седници, изјави Џафери.
По изборите и по најавената оставка на претседателот на Владата, како што рече, настана период на неизвесен политички живот во земјава, кој, пак, предизвика делумна или техничка функционалност на домашните институции меѓу кои и Собранието.
– Сепак, и во ваквите ограничувачки услови, законодавниот дом ја потврди својата ефективност и продуктивност во дадениве услови. Од вкупно 59 пленарни седници, 39 се завршени. Незавршени пленарни седници се вкупно 20, информира Џафери.
Претседателот на Собранието соопшти дека во 2021 година се донесени вкупно 209 закони, од кои по редовна постапка се донесени 111, а по скратена постапка се донесени 79. Вкупно 188 закони се поднесени од Владата, 21 се поднесени од пратеници во Собранието, донесени се и 21 закон за ратификација на договори помеѓу Република Македонија и други земји.
Џафери информира дека преостанати, незавршени точки што треба да се разгледаат на седници на матичните комисии за понатамошно процесирање на пленарна седница по матични тела се следни: Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство – седум точки, Комисија за европски прашања – 12 точки, Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците – 10 точки, Комисија за одбрана и безбедност – една точка, Комисија за здравство – две точки, Комисија за финансирање и буџет – шест точки, Комисија за образование, наука и спорт – пет точки, Комисија за економски прашања – четири точки и Комисија за транспорт, врски и екологија – девет точки.