На денешен ден се навршува еден месец од трагедијата во Кочани, која ја одбележа најголемата загуба на човечки животи во една несреќа од независноста на државата. Во пожарот во дискотеката „Пулс“, кој избувна за време на концерт на 15 март, животот го загубија 61 лице, а 193 беа повредени.
Истрагата, која е во тек, досега опфати над 60 физички и три правни лица. Меѓу нив има функционери, инспектори, службеници, сопственици и лица од безбедносните структури.
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски: Објектот бил подолг период без контрола
„Објектот познат како ‘Пулс’ не бил непознат за полицијата – напротив, бил препознатлив за сите во Кочани. Истото важи и за општинските и државните институции. Во изминатите 13 години, не е спроведен ниту еден инспекциски надзор во оваа локација, иако објектот бил активен и добро познат“, изјави јавниот обвинител Љупчо Коцевски.
Тој потврди дека истрагата веќе прибрала лиценци издадени во периодот од 2012 до 2017 година, и истакна дека сите тие документи се одобрени без целосна техничка и правна документација. Се проверува и потеклото на пиротехниката што била користена вечерта на несреќата.
Истрагата во проширена фаза – предметот добива нови имиња, опфатени над 60 лица
Во текот на изминатиот викенд, истрагата за трагедијата во Кочани се прошири со нови 19 имиња. Во оваа фаза се опфатени поранешни министри, сегашен министер, директори, градоначалници, градежни инспектори, службеници и државни секретари, сите во контекст на надлежност поврзана со работењето на дискотеката.
Од Обвинителството посочуваат дека актуелниот министер за економија Бесар Дурмиши не е опфатен, бидејќи досега нема докази дека бил инволвиран во постапката за лиценцата на „Пулс“.
Панче Тошковски: Против секој за кого има доказ, е поднесена пријава
„Министерството за внатрешни работи, врз основа на доказите до кои дојде, поднесе кривични пријави за сите случаи каде што постоеше правна основа. Истрагата ја води Јавното обвинителство, а ние сме целосно вклучени во поддршката. Против секој поединец за кого се потврдила инволвираност – веќе е поднесена соодветна постапка. Никој нема да биде поштеден“, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Во тек е приведување на седум полициски службеници, а Обвинителството не исклучува можноста за понатамошни апсења во следните недели.
Државната комисија за спречување на корупцијата нотира дека постојат структурни пропусти во системот за издавање лиценци за угостителска дејност. Проблемот, според нив, е во тоа што се вршел упис на субјекти во регистарот без задолжителна техничка проверка. Забележан е и регулаторен ризик во казнената политика, како и нејасно дефинирани дополнителни дејности во законската рамка.
Трагедијата во Кочани во бројки: 61 загинат, 193 повредени – 57 сè уште под лекарска грижа
Од 193 повредени, 57 лица сè уште се лекуваат, од кои двајца се во критична состојба. Деветмина се во болници во земјава, додека 48 лица се пренесени во странство. Трошоците за лекување и сместување на семејствата ги покрива државата.
Меѓу загинатите беа и пејачот Андреј Ѓорѓиески, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, професорката Сара Пројковска, како и Александар Ефремов, Александар Коларов и Филип Стевановски. Управителот на дискотеката, кој беше еден од осомничените, почина од повредите во Литванија.
Во пожарот загина и возачот на Брза помош Иле Гоцевски, кој цела вечер транспортирал повредени пациенти. Министерот за здравство Арбен Таравари најави дека тој ќе биде постхумно одликуван.
Како одговор на трагедијата во Кочани, беше прогласена седумдневна жалост, а настаните од областа на културата беа откажани. Ден на жалост беше прогласен и во Србија, Бугарија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Во меѓувреме, во Собранието беа изгласани измени во Законот за јавен ред и мир, со кои се забранува употреба на пиротехнички средства во затворени простории, а се воведуваат и прекршочни глоби за прекршителите.