Ова е наведено во одговор на Владата на прашањето на МИА дали во оптек е нов нон-пејпер за решавање на спорот меѓу двете земји, кој денеска го објави телевизија Клан без да наведе конкретен извор, а за кој наводно се запознати и Скопје и Софија, но и поважните земји-членки на Унијата.
–Република Северна Македонија останува посветена во процесот, со цел надминување на разликите со Република Бугарија, со што и би се отстраниле пречките за почетокот на пристапните преговори со ЕУ. Тоа е во интерес на граѓаните на двете држави, а со тоа и на европската агенда. Се надеваме дека колку може поскоро ќе се создадат политички услови во Бугарија за да се отвори можноста за интензивен дијалог меѓу Скопје и Софија за решавање на прашањата кои предизвикаа блокирање на процесот на проширување на ЕУ, се додава во одговорот од Владата.
Нон-пејперот, кој беше објавен денеска од ТВ Клан содржи неколку точки како насоки за решавање на спорот. Според објавениот документ на Република Бугарија ќе и се дадат гаранции за зацврстување на сегашниот концепт на нација – држава, при што ќе и се признае историски контекст за бугарското потекло на нејзините граѓани без исклучок и со тоа Бугарија, како што се наведува ќе се ослободи од траумата дека преку малцинските права ќе и се загрози долгорочната стабилност и безбедност .
Во нон-пејперот, кој го објави ТВ Клан, се тврди дека во Република Северна Македонија, пак, ќе се засили контекстот на мултиетничкото општество преку вклучување и на бугарскиот наратив. Се предлага Бугарите да се внесат во Утавот, соодветно како и сите други етнички заедници, здруженијата на Бугарите со тоа ќе добиеле заштита и посебна нега од државата за да негуваат, да промовираат и изучуваат сопствен аспект на историските настани и тоа ќе им било уставно загарантирано. Се додава и дека мнозинскиот дел од словенскиот народ, кои себе се идентификуваат како Македонци, и кои сметаат на историскиот контекст за посебност на македонскиот народ ќе ја задржат можноста за сопствен аспект и наратив на оваа заедничка историја.
–Тоа подразбира дека ќе постои единствена фактичката вистина, произлезена од емпириската научна активност, но на која ќе и се овозможи дуален аспект за дефинирање на националниот контекст и значење за двата национални идентитети, се наведува во нон-пејперот.
Се додава и дека овој дуален систем ќе се применел и во образовниот систем, со дуално објаснување на контекстот на историските настани, вклучувајќи ги и македонскиот и бугарскиот наратив.
–Прашањето на јазикот и употребата на краткото име за Северна Македонија, треба да биде решено според предложеното од претседавачките предлози (Германски, Португалски, Словенечки), кои веќе беа неофицијално земени предвид како прифатливи за двете страни, се наведува во нон-пејперот.
Официјалниот став на Владата е дека релеватен за решавање на спорот е португалскиот предлог и оти тој содржи решенија кои се прифатливи за двете страни.