Економскиот раст на Србија ќе забави на 3,2 отсто во 2022 година од претходно проектираните 4,4 проценти под влијание на неколку економски кризи во светот, вклучително и војната во Украина, се наведува во Редовниот економски извештај на Светска банка за Западен Балкан, јави дописникот на МИА од Белград.
Србија според извештајот објавен од канцеларијата на Светска банка во Белград, во голема мера закрепна од пандемијата на Ковид-19, постигнувајќи реален раст на БДП од 7,4 отсто во 2021 година, поттикнат од силната приватна потрошувачка и инвестициите.
Светската банка предупреди дека последиците од војната во Украина имаат негативно влијание врз извозот од Србија, како и врз странските директни инвестиции, дознаките и приходите од туризмот, предвидувајќи дека Србија ќе ја задржи макроекономската стабилност и покрај негативните ризици што може да се случат во 2022 година.
– Инфлацијата веќе е во пораст, а може да се очекува нејзино натамошно забрзување, исто како и во другите источноевропски земји, поради растот на цените на храната и енергентите на светскиот пазар, се наведува во извештајот.
Фискалниот дефицит може да биде поголем од проектираниот поради забавувањето на економскиот раст и потребата од поголема јавна потрошувачка во форма на субвенции и гаранции за поддршка на компаниите во секторите за електрична енергија и гас кои се погодени од кризата.
– Се очекува српската економија да оствари стабилен раст од околу три отсто годишно на среден рок, што е слично на стапката на раст забележана пред пандемијата, изјави директорот на канцеларијата на Светска банка во Србија, Никола Понтара.
Според него, тие перспективи првенствено зависат од надворешни фактори, како што се војната во Украина и светската енергетска криза, но и од брзината со која Србија ќе ги спроведе внатрешните реформи со цел финансиска консолидација на своите јавни претпријатија.
Слично како и во Србија, проекциите за раст се приспособени и за сите други земји од Западен Балкан, а според новите анализи, стапката на раст во регионот во 2022 година ќе биде 3,1 проценти.