Нема ден а овој град да не биде на врвот или при врвот на градови со најзагаден амбиентален воздух. Хронично болните и децата се потешко го поднесуваат загадениот воздух, иако би сакале во текот на денот да излезат и да се прошетаат а, таква желба имаат и пензионерите, кои поради високото аерозагадување и претпазливост од Ковид-19, најголемиот дел од времето го поминуваат дома.
– Имам проблеми со срцето и дишењето, кога воздухот е многу загаден препорачано ми е да не излегувам на отворено и да не го дишам овој високозагаден воздух. Откако последните десетина години живееме во град со енормна загаденост на воздухот, верувајте секоја година барем во два наврати морам да се лекувам од грип или респираторни проблеми, вели Томе Вељаноски, постар жител на градот.
Интензивната станбена изградба во Кичево што се случува последните години и миграцијата село-град, придонесоа градот да биде премногу урбанизиран, без природните ветришта кои можат да помогнат за намалување на аерозагадувањето а, секако главен причинител за овие високи параметри е затоплувањето на домовите со тврди и течни горива.
– Сè додека не дојде гасот, градот ќе бележи високи вредности на аерозагадување во есенско-зимските месеци, кога над 80 проценти на граѓаните домовите ги затоплуваат со дрво, отпаден материјал, прегорено масло или нафта. Ако има уште една акција на државата за набавка на поголем број на инвертери од досегашните 800, тогаш за очекување е барем за 30-40 проценти да се подобри квалитетот на амбиенталниот воздух и во месеците кога состојбата е најтешка, а тоа е гаранција за поздраво население во текот на целата година, вели екологистот Коце Наумоски.
Од јавното здравство посочуваат дека бројот на заболени од грип во текот на грејната сезона редовно бележи драстичен пораст.
Дека аерозагадувањето на Кичево е големо потврдуваат и денешните мерења, според кои Кичево е лидер во земјава, слични показатели имавме и во претходните денови и недели.