Таа струја се купува по пазарни цени на регионални берзи врз кои не може да влијае Владата. А таа струја треба да ја платат граѓаните. Сега на РКЕ ќе и треба големо мајсторство, трпение и „џокер во ракавот“ за да создаде ситуација во која „волкот е сит, а овците се на број“
ЕСМ и ЕВН направија пазар. Домашната државна компанија за производство на струја (ЕСМ) понуди 41 евро за мегаватчас, а количината што ќе треба да ја понуди на компанијата за снабдување изнесува 1,86 милиони мегаватчасови. Понудата важи од почеток на јануари до крај на јуни 2022 година и ќе покрие 100% од потребите на домаќинствата. Претворено во пари за половина година тоа е износ од 76 милиони евра или 9 милиони евра повеќе од последната цена по која ЕСМ ја продаваше струјата на ЕВН. Тој износ треба да го платиме сите ние – граѓаните и малите и микро бизнисите.
ЕСМ се охрабри и во вакви вонредни услови достави понуда која, пазарно гледано, е најблаго речено на нивна штета. Но повеќе од сигурно е дека од Владата имаат гаранции дека ќе„им го чува грбот“ и „одврзе ќесето ако има загуби“. И со ова заврши делот за поскапувањето на цената на струја што ја произведува ЕСМ.
Е сега останува во цената за домаќинствата да се „искомбинира“ и трошокот за набавка на струја за техничките загуби во мрежите за пренос и за дистрибуција на електрична енергија.
И волкот сит, а овците на број?
На овој линк е достапен документот што е јавно поставен на сајтот на РКЕ во кој детално е опишана анализата за структурата на трошоци за компанијата за снабдување со електрична енергија https://erc.org.mk/odluki/23.%20EVN%20HOME%202021.pdf
За да биде поедноставно, (според анализата на РКЕ) компанијата ќерка на ЕВН годинава има трошок за купување на електрична енергија кој изнесува околу 162 милиони евра. Од тоа околу 105 милиони евра се трошок за струјата на ЕСМ, трошок за обновливите производители е околу 25 милиони евра, а за набавка на струја за покривање техничка загуба на дистрибутивна мрежа е околу 31 милиони евра. Значи за половина година тоа е околу 81 милиони евра.
Е сега како ќе изгледа таа математика за првите шест месеци идната година: според последниот тендер за период од шест месеци, ЕВН на ЕСМ ќе треба да му плати околу 76 милиони евра за да му испорача 1,8 милиони мегаватчасови струја. Трошокот за обновливи извори ќе остане горе-долу ист како и прогнозата на РКЕ за 2020 година односно околу 25 милиони евра. Е сега доаѓа жешкиот костен. На ова во неколку наврати многу транспарентно и на време укажа и Марко Бислимоски, претседателот на РКЕ. ЕВН и МЕПСО како оператори на системите за дистрибуција и пренос на струја ќе мора да купат струја на отворен пазар за да покријат техничката загуба на енергија во мрежите за пренос и за дистрибуција. ЕВН лани за таа намена морал да купи над 500.000 мегаватчасови, а МЕПСО купил нешто над 100.000 мегаватчасови. Лани ова време за таа струја цените се движеа по цена од 50 до 60 евра за мегаватчас. Сега за разлика од лани, цените на берзите од нашето соседство не се „симнуваат“ под 260 евра за мегават час (просек од цени на час во работни и неработни денови). Двете компании тие количества ги набавуваат на тендери на кои се јавуваат трговци и снабдувачи. Секогаш , без исклучок , референтни цени се тие по кои струјата се купува на берзата за струја во Унгарија.Во сегашни услови цената на таа количината струја за која ЕВН за пола година (2021) платила 15 милиони евра за 2022 година ќе биде поскапа барем за 4 пати. Иста ситуација е и кај МЕПСО кој лани платил околу 3,5 милиони евра. Сега да ја набави таа струја би чинела 4 пати поскапо. А тие трошоци РКЕ ќе мора, согласно закон, да им ги признае на компаниите и да ги вгради во цената на струјата што ќе ја утврди за потребите на домаќинствата.
Според најгрубата пресметка, количината струја за шест месеци која (според анализата на РКЕ) ЕВН го чинела 81 милиони евра, за првото полугодие 2022 година, заради зголемените цени на берзите и во помала мерка заради поскапувањето на ЕСМ ќе чини барем 130 милиони евра. И уште десетина милиони евра за загубите на преносна мрежа што треба да му се компензираат на МЕПСО.
Анализата на „Фактор“ доби потврда и во синоќешната изјава на Бислимовски, претседателот на РКЕ, кој соопшти дека од ЕВН Електродистрибуција (операторот на дистрибутивниот систем) веќе добиле барање за зголемување од 100% и тоа заради енормно зголемената пазарна цена на електричнаа енергија за покривање на техничката загуба на дистрибутивната мрежа.