Европската Унија (ЕУ) го повтори својот повик до Косово и Србија да создадат клима за продолжување на дијалогот за нормализација на односите.
„Работата на дијалогот е во тек. Во изминатите недели постојано изјавувавме дека од страната на ЕУ постои јасно очекување од страните да преземат многу добро дефинирани чекори за деескалација и да создадат услови за продолжување на дијалогот, изјави Петар Стано, портпарол на ЕУ во писмената реакција до Радио Слободна Европа (РСЕ).
Тој ја подвлече „суштинската важност“ од продолжување на дијалогот без никакви дополнителни одложувања и продолжување со имплементацијата на Договорот за патот кон нормализирање на односите и неговиот анекс за спроведување.
Стано изјави дека се уште нема датум за нова средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, но дека јавноста за тоа ќе биде навремено информирана.
Имено, од ескалацијата на ситуацијата на северот на Косово на крајот на мај, шефот на европската дипломатија Жозеп Борел изјави дека нема простор да се зборува за дијалог додека не се врати мирот во овој дел на Косово.
Специјалниот претставник за дијалог Мирослав Лајчак, кој на 30 август престојува во Белград, неодамна на социјалните мрежи потврди дека новата средба на лидерите ќе се одржи во септември.
Премиерот на Косово, Албин Курти, на 28 август разговараше за дијалогот со претставникот на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак.
Ситуацијата на северот на Косово стана тензична на крајот на мај, откако новите градоначалници Албанци во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ со помош на полицијата влегоа во општинските згради.
Локалните Срби се против новите албански градоначалници, кои беа избрани на изборите во април. Овој процес беше бојкотиран од српското население и од српските партии.
Европската Унија на 3 јуни излезе со барања официјална Приштина да преземе мерки за деескалација. Овие барања вклучуваат повлекување на специјалните полициски сили од општинските згради на север, смена на избраните градоначалници од овие објекти и распишување специјални избори за четири општини на север со гаранција дека на нив ќе учествува српското население.
Поради неисполнување на условите, ЕУ кон средината на јуни воведе некои казнени мерки против Косово, кои се уште се во сила. Во јули, Косово и ЕУ се договорија за чекори кон проширувањето, вклучително и одржување нови избори во четири општини на север.