Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Фатон Асани, директорот на Државниот завод за ревизија Максим Ацевски, менаџментот на АД Славија и премиерот во оставка Зоран Заев по службена положба се вмешани во обидот за продажба на АД Славија по цена на два поголеми станови.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во изминатата недела го разобличи обидот на власта со почетна цена од само 218.000 евра да продаде деловен простор кој има проценета вредност од преку 20 милиони евра и атрактивни локации на три места во Скопје.
Во серијата на прес конференции на портпаролот на партијата Димче Арсовски, со документи беа обелоденети сите детали околу тоа како фирмата која има проценета вредност од 20 милиони евра, само 3 милиони евра долгови и годишен приход од околу еден милион евра – се продава за само 218.000 евра. Понатаму, во целиот случај излезе на виделина и дека во моментов на сметката има околу 100.000 евра, што би значело дека оној кој ќе ја купи ќе си ги врати парите за само три месеци.
Со документи беше потврдено и дека долгот на компанијата е околу 3 милиони евра а не како што тврдеше владата на прес конференција – над 17 милиони евра. Оттука се поставува прашањето кој го прави обидот за криминална продажба на Славија? – прашање на кое ќе се обидеме да добиеме одговор во оваа анализа на Лидер.
Денеска е последниот рок за да биде прекината постапката за продажба на АД Славија од страна на владата. Во изминатите неколку денови во јавноста се лиферуваа информации дека по притисокот на јавноста, владата ќе се откаже од продажбата и лицитацијата нема да се се одржи во закажаниот термин, сепак, кај дел од познавачите владее ставот дека ваквите информации се лиферуваат за да се обесхрабрат заинтересирани за лицитацијата за да може „договорениот субјект“ да ги купи акциите по што е можно пониска цена.
Како фаворизирани субјекти за купопродажбата се лиферуваат градежни компании блиски до фамилијата Заеви кои би ги преземале локациите откако претходно за цена и до 200 пати пониска од пазарната ќе ги купи компанија со капитал во странство.
Останува да видиме дали владата ќе се откаже, но, дотогаш како медиум должни сме да ги објавиме оние кои се вмешани по службена положба.
Доколку се случи продажба на „АД Славија“ по цена која е далеку пониска од проценетите 20 милиони евра, директорот на Агенцијата за управување со проценет имот Фатон Асани ќе стори серија на кривични дела, така што тој, секако би бил еден од главните осомничени. Слична одговорност би имал и премиерот Зоран Заев кој пак му потпишал дозвола на Асани да го продава овој имот.
Вина ќе може да се бара и кај директорот на Државниот завод за ревизија, Максим Ацевски, затоа што неговата институција пресметала фиктивни долгови на АД Славија и дала извештај дека истите изнесуваат 17 милиони евра. Одговорност има и кај менаџментот на АД Славија, кои ги потврдиле ваквите податоци кај ДЗР.
Како што дознаваме од извори во владата, овие фиктивни долгови кои ги детектирале од ДЗР, се главниот изговор зошто владата сака да ја продаде оваа компанија.
Исто така, симптоматично е што во изминатите денови изостанува и реакција од страна на првата антикорупционерка Билјана Ивановска, која исто така во служба на јавниот интерес требаше да реагира за обидот за овој предновогодишен криминал.
Никаков став во изминатите денови нема и од наследник премиерот Димитар Ковачевски, кој го нема кажано својот став околу ова прашање.
Инаку, вчера судот го одби барањето за времена мерка со која би се стопирала продажбата, што отвора сомнеж и за вмешаност на судските власти во овој милионски криминал.