Фемицидот, убиството на жени поради нивниот пол, станува сè почеста трагедија во Македонија. Иако јавноста често реагира со осуда, институциите ретко успеваат да ги заштитат жртвите. Последните години покажуваат алармантен тренд на насилство врз жените, а убиството на Емилија Пешева го поставува прашањето – колку навистина се заштитени жените во ова општество?
Емилија Пешева – убиена од партнерот кого повеќепати го пријавувала
На 1 ноември 2024 година, Емилија Пешева беше брутално убиена од нејзиниот партнер Фадил Зејнелов во Штип.
Таа подолго време била жртва на семејно насилство, но институциите не успеале да ја заштитат. Сведоштвата на нејзиното семејство покажуваат дека Зејнелов ја тепал и ја малтретирал, а иако бил пријавуван, тој останувал на слобода.
Често ситуацијата доаѓала до суд, но Фадил ја убедувал Емилија дека работите ќе се сменат или ја заплашувал.
На денот на убиството, Емилија решила да ја прекине врската. Наместо да ја остави да си замине, Зејнелов ја однел во напуштен објект, каде што ја претепал и ја задавил. Потоа се уверил дека не дава знаци на живот и го напуштил местото. Неколку часа подоцна, сам се пријавил во полиција.
Ова е класичен пример на фемицид – убиство на жена извршено од интимен партнер кој одбива да прифати дека таа има право на избор.
Кочани 2023 – уценувана, заплашувана, избодена до смрт
Во септември 2023 година, Кочани стана сведок на уште еден фемицид.
59-годишен маж ја уби 46-годишната жена со 40 убоди со нож. Нивната врска не била официјално призната, но тој ја уценувал со компромитирачки фотографии и барал пари.
Жртвата го пријавила во полиција, но институциите не реагирале навреме. Наместо да биде заштитена, таа стана следната жртва на фемицидот.
Овој случај покажува дека фемицидот не е секогаш поврзан со долготрајни партнерски врски. Некои убијци се движат меѓу насилство, финансиска манипулација и психолошки терор, а кога нивната жртва одбива да игра по нивните правила, тие одговараат со убиство.
Неготино 2022 – убиена по години трпење насилство
Во 2022 година, во Неготино беше убиена жена која подолго време била жртва на семејно насилство.
51-годишен маж ја претепал својата вонбрачна партнерка до смрт, а подоцна беше осуден на 15 години затвор.
Според истрагата, осудениот бил под дејство на алкохол во моментот на нападот. Жртвата неколкупати била хоспитализирана поради повреди од насилство, но никогаш не добила соодветна заштита.
Овој случај покажува уште една типична шема на фемицидот – долгорочно семејно насилство кое кулминира со убиство.
Статистиката е застрашувачка – фемицидот во Македонија е во пораст
Според официјалните податоци, само во периодот од 2019 до 2022 година биле извршени 19 фемициди. Во 2023 година, беа пријавени три случаи на фемицид само во првите девет месеци.
Во 2022 година, бројот на жени жртви на семејно насилство изнесувал 1.074, а во 2023 година тој број значително се зголеми.
Во првите девет месеци од 2024 година, пријавени се 517 случаи на семејно насилство, при што 476 од сторителите се мажи.
Ова се огромни бројки за мала земја. Семејното насилство е секојдневие, обична вест во црната хроника, а некогаш дури и повеќе случаи дневно.
Проблемите во институциите – зошто жените не се заштитени?
Повеќето фемициди се случуваат откако жртвите веќе го пријавиле насилството, но не добиле соодветна заштита.
Кои се главните институционални проблеми?
- Бавни реакции на полицијата – во многу случаи насилниците добиваат само опомени
- Слаб систем за проценка на ризик – дури и кога жртвите се во сериозна опасност, не им се доделува итна заштита
- Недоволно засолништа за жртвите – жените немаат каде да се засолнат, што ги тера да останат во насилни врски
- Казните не секогаш се максимални – убијците често добиваат намалени казни, што испраќа погрешна порака во општеството
Зошто мажите убиваат? Фемицидот и модерните форми на насилство
Фемицидот има различни мотиви и околности, но некои од нив се традиционални, додека други вклучуваат и модерни пороци и форми на декаденција
- Алкохолизам и семејно насилство
- Љубомора и чувство на сопственост
- Долготрајно семејно насилство кое кулминирало со убиство
- Коцкање и финансиска манипулација – во случајот со Емилија пешева убиецот ги трошел парите што биле дадени за детски додаток на коцкање. Случајот во Кочани содржи изнуда на пари како мотив.
Фемицидот не е трагична случајност – тој е системски проблем
Ако не се преземат поконкретни мерки за заштита на жртвите, следната црна хроника ќе известува за нов фемицид, уште една жена убиена затоа што системот не ја заштитил навреме.