Станува збор за решение на домашната компанија „Инбокс“ избрано на јавниот повик „Дигитализација на картотеките при Институтот за македонски јазик Крсте Мисирков”, што го спроведе Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за култура со цел адекватна заштита и унапредување на македонското културно наследство.

Проектот опфаќа девет картотеки со уникатно изразени записи, кои во моментот се чуваат во картонски кутии, несоодветно заштитени од сите форми на ризици од оштетување и уништување. Картотеката располага со стотици илјади зборови од стари ракописи пишувани со векови во македонските цркви и манастири, неколку милиони ливчиња со зборови што се користат во секојдневното зборување на македонскиот народ, односно дијалекти карактеристични за над 400 населени места. Во документите се и стотици илјади ливчиња со запишани имиња, презимиња и прекари на Македонците, како и имиња на населени или ненаселени места – топоними. Преку проектот ќе се дигитализираат и милиони ливчиња со македонски зборови од стандардниот и од народниот јазик, кои имаат едно или повеќе значења.

– Решението на „Инбокс“ ќе овозможи инстантна и неограничена достапност како и можност за дигитално поврзување на картотеките. Дигиталните слики ќе се обработуваат во траен формат, ќе се метадатираат и поврзуваат во логични целини. На крајот, дигиталните записи ќе се претвораат во оригинали. Предвидено е мултиплицирање на форматите во три различни облици, секој со различни карактеристики и отпорност на сите ризици, со што ќе се овозможи трајна заштита, велат од ФИТР.

Според директорот на ФИТР, со ова македонскиот јазик и националното богатство ќе им останат трајно достапни на идните генерации во формат кој ним им е близок.

– Идните генерации ќе живеат во технолошки се поразвиен свет, а на овој начин македонскиот јазик и националното богатство ќе им останат трајно достапни во формати кои им се блиски. По двата повици за дигитализација на јавни инстутуции во 2021, веќе следната година Фондот развива и ново портфолио на предзивици преку кое ќе се овозоможи дигитализација и креирање на дигитални алатки за јавните институции во државата, вели Петров.

Согласно правилата од јавниот повик, проектот треба да се спроведе до 12 месеци, а Фондот, врз основа на оправдани околности, може да одобри продолжување до шест месеци.

Комисијата за оценување и избор која ја донесе конечната одлука за финансирање на проектот се состоеше од по еден претставник од Министерството за култура, Министерството за образование и ФИТР, како и двајца експерти од областа на предизвикот.