Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во понеделник ќе допатува во посета на Скопје, за да разговараме за потребните и неопходните реформи и за дополнителните средства што треба да ги добиеме како помош од ЕУ и мотивација за реформите и секако за оние обврски што ни преостануваат, за да ја комплетираме оваа фаза на пристапувањето и да преминеме во втората, односно отворањето на кластерот и со тоа да го најавиме и крајот на скринингот, изјави за МИА вицепремиерот Бојан Маричиќ на крајот на својата работна посета на Брисел.
– Секоја посета на високо ниво од овој калибар ја сметаме за добар сигнал за нашиот регион. Да не заборавиме дека минатата недела имаше Самит од Берлинскиот процес во Тирана, каде што исто така беше присутна и претседателката на Европската комисија. Таму најави дека ќе има турнеја низ Западниот Балкан. Таа турнеја почнува токму од кај нас, од Скопје, од Северна Македонија и сметам дека тоа ќе е добар сигнал, нагласи Маричиќ.
Според него, се очекува таа да ги најави извештаите на ЕК за напредокот на земјите кандидати за членство во ЕУ, чие објавување е предвидено за 8 ноември, како и да ги презентира основните црти на Планот за раст на Западниот Балкан, што би требало да биде објавен до крајот на оваа година.
– Тоа е еден план којшто ни овозможува имплементација на некои политики на ЕУ во нашите земји уште пред членството. Значи, тоа е еден вид на интеграција пред членство. Тоа е план којшто треба да ни овозможи повеќе шанси за нашите млади, за нашата бизнис заедница и план кој треба да ни овозможи повеќе шанси и за институциите и за граѓаните пред пристапувањето во ЕУ, потенцира Маричиќ.
Според него, имајќи го сето ова предвид, како и резултатите од разговорите што ги имаше за време на неговиот престој во Брисел, сега како никогаш досега прашањето за проширување на ЕУ е актуелна тема во Унијата.
– Како никогаш досега ќе ни се пружи шанса и за повеќе пари, според овој План за раст, доколку направиме повеќе реформи. Тоа е еден од главните принципи – повеќе пари за повеќе реформи и како никогаш досега не гледаат како идна членка на ЕУ, истакна Маричиќ.
Вицепремиерот за европски прашања истакна дека се очекува во првата недела на декември да заврши комплетниот скрининг процес, по што понатаму ќе работиме само на извештаите за секој кластер.
– Процесот на скрининг е една многу важна операција за нас и многу корисна вежба која што ни даде слика каде сме, што сме направиле, кои се нашите досегашни достигнувања, но и што е она што треба да го направиме, кои се нашите слабости и како тие да ги преведеме во еден план за реформи за наредните седум години и токму тоа го правиме во моментот. Ние таа домашна задача ќе ја завршиме успешно, додаде Маричиќ.
Сепак, според него, за да го задржиме темпото со Албанија, но и со другите земји кандидати за членство, ќе треба да ги спроведеме уставните измени.
– Секој ден покасно, секое доцнење во врска со уставните измени, е ден загуба за Северна Македонија, ден загуба за нашите граѓани. Првпат имаме вистинска можност да разговараме за проширување на ЕУ до 2030 година. Сите најави одат во насока дека Европската комисија подготвува план со којшто ќе овозможи на оние држави коишто ќе бидат подготвени, коишто ќе ги направат неопходните реформи да влезат во Европската Унија во 2030 година. Наша заложба е ние да бидеме дел од тие држави, а тоа е можно само ако сите политички актери и сите пратеници ја преземат одговорноста на себе и ги донесат неопходните одлуки, порача Маричиќ.
За време на работната посета на Брисел, вицепремиерот Маричиќ учествуваше на Форумот „Глобална порта“ организиран од Европската комисија и имаше средби со еврокомесарите за проширување Оливер Вархеји, за буџет и администрација Јоханес Хан и за иновации, истражување, култура, образование и млади Илиана Иванова, со директорот на Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија (ДГ НЕАР), Герт Јан Копман, како и со заменикот на генералната директорка за Западен Балкан во Европската служба за надворешна политика (ЕЕАС), Марко Маковец и со главниот советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Симон Морду.
Тој одржа и брифинг со Работната група за проширување и земји кои преговараат за пристапување во ЕУ (КОЕЛА) и работен состанок со в.д. директорката за Западен Балкан во ДГ НЕАР, Микела Матуела, а се обрати и на првиот ден од состанокот на билатералниот скрининг за Поглавје 13 – „Рибарство“.