Серија претходни пријави за закани, насилство и непочитување на забрана за приближување стојат зад името на Илија Стефановски – човекот кој сега е осомничен за двојното убиство во Велес, во кое животот го загубија 31-годишната Росица Коцева и нејзиниот татко Киро Коцев (74), соопшти Основното јавно обвинителство.

Росица во повеќе наврати барала заштита од институциите пријавувајќи семејно насилство, но на 10 септември годинава Стефановски бил условно осуден.

Во мај, пак, според обвинителството, осомничениот од семејниот дом го одзел автомобилот на таткото на Росица и го запалил.

Постапките се воделе и во ОЈО Велес и во ОЈО Скопје, каде Стефановски поднел пријава против Росица, обвинувајќи ја дека го пријавува лажно со цел да изнуди пари.