Оставени без топла вода, простории полни со влага, нечистотии, немање основни услови за живот и сместување. Власт која се фали со фамозни проекти како 140 денари од оброк дневно, укинат доручек, неипсолнети ветувања за подобрување на студентските домови. Вака накратко изгледа голготата која ја поминува секој студент кој живее во студентски дом во Македонија.
Екипата на Радио Лидер направи истражување каква е состојбата во студентските домови во Македонија. На оваа тема разговаравме со Илија Ристески, Член на Извршен Комитет при УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
Радио Лидер: Што точно се случува и од кога е ваква ситуацијата во Пелагонија?
Ристески: Проценете сами каква е ситуацијата во студентскиот дом „Пелагонија“, според тоа што во последните 7 дена, најстудениот период во годината до сега, студентите беа оставени без топла вода. Без да навлегувам во останатиот дел, само овој податок говори доволно и за другите состојби, бидејќи апсурдно е во 21 век, студентите, кои се клучот за градење на секое општество, да ги немаат основните потреби за живот и сместување. Додека еден владин функционер во владиното бифе јаде бифтеци за 180 денари, истиот тој пред јавноста се фали дека на студентите им го вовел тој фамозен „студентски оброк“ – мерка со која студентите добиваат 140 денари секој ден за прехрана. За апсурдот да биде уште поголем, ако еден студент во студентскиот дом добиваше пакет од 3 оброци секој ден, управата се „пофали“ дека сега студентите со 140 денари имаат доволно средства за доручек, па затоа истиот им беше укинат, иако тие плаќаат повисоки суми за престој од сите останати студенти во Македонија. Сепак, да не биде се’ така црно во мојата објава, би ја пофалил управата и властите дека после само 7 дена, студентите во „Пелагонија“ добиле топла вода. Сето ова претставува само мал процент од тоа што се соочува еден студент во овој студентски дом, но верувам дека наскоро ќе ја имаме можноста тоа да го промениме и да обезбедиме услови кои се типични за 21, а не за 18-ти век.
Повеќе може да погледнете и од фотографиите во продолжение:
Радио Лидер: Каква е ситуацијата во другите студентски домови?
Ристески: Моменталната ситуација во другите студентски домови со еден збор би се опишал како нечовечка, бидејќи е место кое личи на се’ само не на дом за студенти. Особено би се осврнал кон условите во Стив Наумов, каде првата и втората зграда се затворени од 2019 и 2020 година, а додека пак третата зграда, доколку влезете, би забележале дека е посоодветна за снимање некој хорор филм, отколку место во кое живеат стотици млади луѓе. Студентскиот дом „Кузман“, кој се наоѓа во самиот центар на Скопје и според зборовите на директорот Виктор Велевски требаше да биде готов до почетокот на оваа академска година, но како и се останато што вети дека ќе испорача оваа власт, нема ниту трага, ниту глас од реализација.
Да се потсетиме што ветуваше Велевски:
– Проектирањето е во завршна фаза, а во меѓувреме се изготвува придружната документација (одобренија, дозволи и елаборати) и во очекување сме до крајот на јули или почетокот на август оваа година да започнат тендерските постапки за избор на изведувач на градежните работи. Процесот започнува со реновирање на „Стив Наумов“ – зграда 1 и 2 и „Кузман Јосифовски-Питу“, кои се очекува да бидат завршени до следната академска година. Потоа реновирањето продолжува со преостанатите објекти – вели Велевски – извор е неговото интервју за Факултети.мк.
Не само што потфрлија со овие ветувања, туку и оваа година, за првпат од независноста, повеќе од 200 бруцоши беа оставени на листа на чекање на 1 Октомври, односно на самиот ден кога тие требаше да ги почнат своите студии. Студентите беа принудени да се снаоѓаат како знаат и умеат, а многупати испаѓаа жртви на веќе превисоките суми за престој во приватни единици за сместување во Скопје. Би ја искористил оваа можност директно да го прашам директорот Велевски, но и членовите на владејачката партија кои предизборно не ги извадија студентите од уста: Дали би прифатиле, барем на само неколку дена, да ги замениме местата и студентите да се хранат по цените и менито од владиното бифе, а функционерите да се хранат со она кое се сервира во студентските домови?
Радио Лидер: Дали власта предводена од СДСМ и ДУИ ги исполни ветувањата за студентските домови?
Ристески: Во овие шест и пол години студентите не постојат на агендата на власта на ДУИ и СДСМ. Од помпезно најавувани ветувања за студентски градови стигнавме до степен да немаме основни услови за живот и да ги затвораме постојните домови. Исто така, тука се и започнатите факултетски згради (ФФК И ФИНКИ), кои власта едноставно одби да ги изгради до крај. Тие, со амандмани во собранието, обезбедија плати за своите партиски функционери и вработувања, а ги скратија парите за студентски домови, нивна реконструкција и енергетска ефикасност, како и за изградба на овие факултети. Во вакви услови, воопшто не можеме да зборуваме за исполнување на ветувањата кои им беа дадени на студентите.
Радио Лидер: Доколку идната влада ја предводи ВМРО-ДПМНЕ што ќе биде приоритет за студентите?
Ристески: Студентите имаат централно место во програмата на ВМРО-ДПМНЕ и кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предводи идната влада активно ќе се работи на градење на европски студентски стандард, како преку комплетно реновирање на студентските домови, така и преку соодветно стипендирање на студентите. Дополнително, како што веќе најавивме како партија, ќе понудиме вработување за 500 најдобро дипломирани студенти од нашите факултети, што како мерка уште еднаш ќе ја потврди нашата посветеност за младите луѓе и нивните потреби. И ова не го зборувам како просечно предизборно ветување, туку како еден од условите кои ние младите ги имаме препознаено во партијата и за кои секојдневно се бориме.