– Неопходно е македонската економија да се реструктира. Со сегашната структура на економијата, во која две третини од БДП се потпира на приватна потрошувачка, 15% на јавната потрошувачка, а само мал дел на извозот и производство, ние сме многу ранливи. Ако сакаме одржливо да се развиваме, оваа структура мора да се промени во насока на поголемо учество на производството со поголема додадена вредност, зголемување на конкурентноста на компаниите и раст на извозот. Треба да се поддржуваат сектори кои создаваат додадена вредност во економијата и кои на долг рок придонесуваат кон економски развој и подобрување на структурата на БДП, посочува заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи во интервју за специјализираниот електронски портал, izvoz.mk.
Вицепремиерот нагласи дека за да се поттикне конкурентноста на компаниите, да се зголеми производството на производи со додадена вредност и да се стимулира раст на извозот, една од мерките за поддршка е Гарантниот фонд за извозни компании, кој веќе е ставен во функција, а кој ќе се операционализира преку Развојната банка на Македонија, која со тоа ќе ја добие развојната компонента која и недостасуваше во досегашното функционирање.
– Благодарение на пакетите за економска поддршка оваа година успеавме да спасиме 120 илјади работни места и да ја намалиме невработеноста и во време на криза. Очекувањата се 2021 година да заврши со стапка на невработеност од 15%, со најмалку 15 илјади идополнително креирани работни места и раст на економијата од 4,1%, што ќе биде добра почетна основа за наредните години, кога се очекуваат стапки на раст на економијата од 5% до 5,2%, потенцира вицепремиерот за економски прашања Битиќи во интервјуто за извоз.мк