Општина Гази Баба распиша јавен повик за доделување пет стипендии на ученици со посебни образовни потреби кои учат во општинските основни училишта за учебната 2023/2024 година.

Износот на стипендијата изнесува 3.000 денари месечно без персонален данок, којшто го пресметува и плаќа Општина Гази Баба.

Стипендијата ќе се исплаќа од први до петти во текот на месецот за претходниот месец, седум месеци непрекинато во текот на учебната година, почнувајќи од декември од тековната календарска година заклучно со јуни наредната година.

Конкурсот трае до 2 декември,а пристигнатите барања ќе ги разгледува Комисијата за доделување стипендии, која врз основа на бодување ќе одлучи кому ќе ги додели стипендиите. За условите и за потребните документи, заинтересираните можат детално да се информираат од јавниот оглас објавен на интернет страницата на Општина Гази Баба.