Внесување на Бугарите во Уставот не е единственото барање, потенцира бугарскиот министер Георг Георгиев

Македонија очекува разбирање од Европската Унија по направените отстапки, но официјална Софија не се смета за пречка во македонскиот интеграциски процес. Бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, потенцира дека условите за интеграција произлегуваат од европски консензус.

Во емисијата „Брисел 1“ на ТВ Бугарија ON AIR, министерот Георгиев ја истакна јасната бугарска позиција:

„Бугарија има многу прецизно дефинирана позиција во врска со проширувањето на ЕУ кон земјите од Западен Балкан, европската интеграција, безбедносните прашања во регионот и меѓусебните прекугранични односи.“

Георгиев појасни дека Бугарија нема намера да го менува својот став, истакнувајќи го европскиот консензус од 2022 година:

„Од наша страна, сметам дека позициите се кристално јасни. Ние нема да смениме ништо во нашиот став, ниту постои нешто што би го оспорило таканаречениот европски консензус постигнат во 2022 година. Сè што може да биде придонес на земјите кои се обединиле околу тој европски консензус, секако е добредојдено. Но, треба јасно да се разбере дека принципот на членство во ЕУ базирано на заслуги е основен столб на Унијата. Околу тој принцип, ние како Бугарија се согласивме уште пред 20 години кога сами поминувавме низ процесот на европска интеграција. Истото сега го очекуваме и од другите земји.“

Георгиев потенцираше дека уставните измени и впишувањето на Бугарите во Уставот не се единствениот услов кој Македонија мора да го исполни:

„Многу е значајно да се разбере дека уставните измени и впишувањето на Бугарите во Уставот како државотворен народ не претставуваат единствен услов.“

Министерот ова го нагласи како предупредување, доколку во иднина, по исполнувањето на овој услов, следат другите критериуми:

„Ова го истакнувам во случај некој да има евентуална цел, откако ќе се случат уставните измени, кога ќе бидат поставени и останатите барања од европскиот консензус, да рече: ‘Еве, ви кажавме дека Бугарите немаат предвид само едно нешто.’“

Министерот појасни дека условите не произлегуваат само од Бугарија, туку од Европската Унија:

Прво  (благодарение на Заев и Ковачевски), не се Бугарите, туку е Брисел. Целата ЕУ стои зад тој консензус (кој го прифати владата на СДСМ/ДУИ). Тоа е значаен услов кој мора постојано да се повторува. Второ, во европскиот консензус јасно стојат и протоколите, патната карта за заедниците и малцинствата, почитување на договореното за добрососедство. Сето ова мора да се реализира. Во спротивно, нема да има исполнување на европскиот консензус и заклучоците на Советот. Додека тоа не биде реализирано, нема отворање на првиот кластер, кој се однесува на човековите права. Уставните измени, кога ќе се случат, ќе го отворат патот и процесот ќе започне. Природно е тој процес да се одвива врз основа на заслуги. Земјата-кандидат мора да ги исполни условите поставени од Унијата. Во ова нема ништо билатерално, ниту отворено меѓудржавно прашање. Напротив, ова е јасно дефиниран процес на пристапување.“

На забелешката на водителката дека во Македонија овие услови не се целосно презентирани, Георгиев рече дека постојано го нагласувал тоа:

„Затоа редовно, сосема добронамерно, им посочувам на колегите. Навистина не сакам да верувам дека тоа се прави намерно или со некоја скриена цел. Напротив, постојат јасно поставени услови, напишани црно на бело, низ кои процесот мора да помине.“

Извор: Курир