Со доделувањето на мандатот на Митов, ГЕРБ, кој победи на парламентарните избори, нема да може да собере доволно пратенички гласови за составување ново парламентарно мнозинство. ГЕРБ има 75 пратеници, далеку под потребните 121 глас. По изборите, Бојко Борисов веднаш излезе со предлогот за формирање техничка влада, за потоа да упати предлог до второпласираната партија на Трифонов да формира влада, со поддршка од десет пратеници на ГЕРБ.
– Најголемо изненадување на изборите е настапот на партијата на шоуменот Станислав Слави Трифонов. Неговата партија Има таков народ освои 17,66 отсто од гласовите на граѓаните, кои искажаа јасна желба за промени во земјата, пишува „Еуроактив“.
Во новиот парламентарен состав влегоа три нови политички партии во парламентот, кои најверојатно ќе бидат дел од новото мнозинство што ќе го собори ГЕРБ, по долгогодишното владеење. Се очекува сите шест политички сили во новиот парламент да гласаат едногласно против предлогот на Митов, а мандатот за составување влада да ѝ биде доверен на партијата на Трифонов.
Тој се прослави како телевизиска ѕвездата на почетокот на 90-тите години на минатиот век како продуцент, пејач и актер во популарно сатирично шоу што се емитуваше на Бугарската национална телевизија (БНТ) наречено „Ку-ку“. Оние што беа на власт беа стандардно критикувани во шоуто. ТВ-домаќинот отсекогаш бил бунтовник и преку политичка сатира, истакнатите бугарски политичари беа имитирани и исмевани од актерите на неговото шоу. Големата популарност кај граѓаните ја стекна како музичар со својот „Ку-Ку бенд“.
Но политичката елита се преправаше дека не го забележува и покрај неговата огромна популарност, многу Бугари не го сфатија сериозно, сметајќи го за популист и обвинувајќи го за промовирање на поп-фолкот, кој е комбинација на традиционалниот бугарски фолклор и модерни елементи за танцување, инспирирани од српскиот „турбофолк“. Преку овој културен израз, Трифонов ги истакнуваше негативните аспекти и одлики на бугарското општество, како што се триумфот на меркантилизмот и културната деградација.
Но најважниот политички маневар на познатиот бугарски шоумен беше референдумот во 2016 година што го иницираше заедно со неговите сценаристи, кои сега ги направи пратеници. Референдумот се однесуваше на три прашања: за промена на сегашниот пропорционален изборен систем во мнозински, воведување задолжително гласање и намалување на јавното финансирање на политичките партии на еден лев (околу 0,50 евра) за освоен глас, во споредба со 11 лева во тоа време.
Околу 2,5 милиони луѓе гласаа „за“ на референдумот и беа потребни само 12.000 гласа повеќе да биде успешно народното изјаснување. Трифонов го осуди резултатот како „монструозна измама“, тврдејќи дека гласовите биле погрешно изброени и вреќи со ливчиња биле „заборавени“ во одделите за гласање. Подоцна ја формираше својата политичка партија Има таков народ.
Политичките аналитичари во Бугарија посочуваат дека партијата на Трифонов ќе биде клучната алка во составувањето на идната влада на Бугарија. Тој со неколку пораки на Фејсбук јавно порача дека нема да влезе во коалиција со ГЕРБ, Бугарската социјалистичка партија (БСП) и главно етничкото Турско движење за права и слободи (ДПС). Ова, сепак, не мора да значи дека тој не би ја прифатил нивната поддршка, пишува во анализата на „Еуроактив“.
Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии од Љубљана ИФИМЕС, пред парламентарните избори излезе со анализа за состојбите во Бугарија, за која напиша дека тоа е земја со голем број проблеми, а граѓаните во оваа најнеразвиена држава во ЕУ живеат на работ на сиромаштија. Економијата е неефикасна, финансиските средства се исцрпени, а создаден е силен слој олигархија, кој опфаќа околу 3.000 поединци, кои водат клановски борби за распределба на ограничените финансиски средства и за прераспределба на финансиската моќ, имот и бизнисите, посочуваат од ИФИМЕС.