Во моментов почетната плата на просветните работници е 24 800 денари. Ако на таа сума се додадат 15% таа би изнесувала околу 28 000 денари, а просечната плата во моментов е 30 000 денари со тенденција за пораст.

Независниот синдикат за образование и наука НСОН, цврсто стои на ставот дека почетната плата во образование мора да биде над републичкиот просек.

НСОН допрва ќе прави анализа на целокупната состојба, по што ќе одлучат кои ќе бидат нивните следни чекори. Не ја исклучуваат можноста со синдикални активности преку протести да го искажат незадоволството од ниската потпросечна плата и до крајот на учебната година.

Претседателот Томислав Гиевски вели дека не е синдикално да се говори за синојќешниот исход на релација МОН-СОНК, затоа што пред штрајкот јасно се изјасниле дека нема да ги коментираат постигнувањата и безрезервно ќе дадат поддршка.

Лидер: Ваш став по однос на договорот на СОНК и МОН за зголемување на платите на наставниците за 15 отсто од септември, креирање на буџетот за секоја фискална година во координација со СОНК, промена на колективните договори во образование, дали сте задовони од постигантиот договор?

– Независниот синдикат за образование и наука како единствен непартиски синдикат изграден од работници, кој со текот на времето драстично го зголеми членството, од самите почетоци на формирањето, цврсто стои на ставот дека (тоа стои и во нашата програма) почетната плата на просветните работници мора да биде повисока од републичкиот посек во државата.
Бидејќи тоа е пракса во сите европски држави, а Македонија е единствена држава во Европа во која почетната плата на просветните работници е под републичкиот просек. НСОН ќе продолжи со синдикални активности, протести, тужби…да го искаже незадоволството на просветните работници, и се надевам дека се поголем број на просветни работници ќе се приклучат кон ова барање, а целта е да се постигне репрезентативност и еднаш засекогаш да биде решен проблемот со ниската потпросечна плата на наставникот!

Лидер: Дали и со покачувањето од 15 % сеуште ќе има плата во образование кое ќе биде под републичкиот просек?

– Да. Во моментов почетната плата на просветните работници е 24 800 денари. Ако на таа сума додадеме 15% таа би изнесувала околу 28 000 денари, а просечната плата во моментов е 30 000 денари со тенденција за пораст затоа што имаме раст на платите.

Лидер: Дали со ова може да се констатира дека постигнатиот договор со МОН не ги исполнува вашите барања ?

– Јас би навел дека НСОН цврсто стои на ставот дека почетната плата не смее да биде под републичкиот просек.

Лидер: Кои се вашите следни чекори кои ќе ги преземете како синдикат за да стигнете до барањето почетна плата не помала од републичкиот просек?

– НСОН кој изминатитве години огранизираше низа протести, ќе продолжи со синдикални активности преку протести да го искажеме незадоволството поради ниската потпросечна плата.

Лидер: Значи ли тоа дека оваа учебна година ќе ја завршите без протести и штрајкови?

– Не можеме да го констатираме тоа, затоа што допрва ќе се прават анализи и сега не може да излеземе со став без претходно да се состане Собранието на НСОН кое брои 54 члена, нашиот главен орган е многу поброен од Советот на СОНК . Допрва ќе треба да се состанеме. Јас како претседател секогаш стојам на фактот дека треба “на нога“ да се искажува незадоволството на работничките права.