Стартот на преговорите за членство и со Македонија и со Албанија останува главен приоритет за ЕУ. Фокусот сега е на постигнување договор меѓу земјите членки за преговарачката рамка, додека истовремено Софија и Скопје работат со цел постигнување договор за билатералните прашања, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир на отворањето на амбасадорската тркалезна маса „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс“, во организација на Советот на амбасадори.
Гир нагласи дека нема магична топка за да знае што ќе се случува претстојнава година, но изрази уверување дека без разлика на се ЕУ ќе остане покрај нас и ќе помогне на секое ниво и секој наш чекор од патот.
Во своето обраќање, евроамбасадорот Гир, исто така, го поздрави новиот интензивен контакт меѓу Бугарија и Македонија, за кој посочи дека дава „свеж поттик за билатералните врски“ и дека ЕУ ги поддржува и Софија и Скопје да го искористат моментумот за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за постојните билатерални прашања, со што ќе се отвори патот за што е можно побрзо одржување на првата меѓувладина конференција.
– Отворањето на преговорите ќе биде пресвртница за евроинтеграциите на државата. Ќе означи интензивирање на практичните напори на Македонија за усогласување со европското законодавство и стандарди. Многу од одговорностите ќе ги понесе Владата, но ќе бара и структурно и експертско вклучување во процесот на преговори, додека истовремено ќе се продолжи со реформите. Партиите од опозицијата ќе треба да продолжат со конструктивен придонес, особено преку работата во Парламентот, додека Собранието ќе треба да ја зајакне својата улога, како форум за конструктивна политичка дебата, особено за ЕУ реформската агенда, истакна Гир.
Медиумите, посочи Гир, ќе треба да ја информираат навремено и точно јавноста за напредокот на пристапниот процес и да бидат чувар на јавниот интерес, додека цивилното општество, академскиот и бизнис сектор, исто така, ќе имаат клучна улога за промовирање и промовирање на потребните реформи, но и да придонесуваат со идеи и да работат на зголемување на свесноста за прашањата кои треба да се решат.
– Пристапните процеси се огромна задача и бараат голем напор и заедничка работа, како и соработка и дебата од сите засегнати страни во земјата. Тоа е всушност првата порака што ја дадов кога пристигнав во земјава и ќе остане порака што ја истакнуваме со моите колеги од ЕУ, изјави Гир.
Реформите, нагласи Гир, првично се насочени кон подобрување на животот на граѓаните и нивната ефикасна промена и не само што ќе донесат опиплива корист за луѓето, туку и ќе го придвижат процесот кон полноправното членство на земјата.
– Предизвикот за Македонија е да го задржи и зголеми нивото на реформи, особено во клучните области. Владеењето на правото и клучните елементи како независниот судски систем и борбата против корупцијата се оценуваат на секој чекор од пристапниот процес и остануваат клучен фактор за оценка на целокупната подготвеност. Добро функционален правен систем создава безбедност и доверба на граѓаните дека нивните права се заштитени и сите злоупотреби ќе бидат санкционирани, без разлика кој ги направил, но и создава еднакви услови за игра на сите бизниси, што е клучно за надворешните инвеститори и ја зголемува довербата во институциите, изјави Гир.
Амбасадорската тркалезна маса е годишен настан на Советот на амбасадори, организиран под покровителство на претседателот Стево Пендаровски. Настанот е поддржан од дипломатската заедница во земјата и веќе прераснува во традиција.