Имаме високи надежи дека конечно ќе почнат преговорите на Европската Унија со Албанија и Северна Македонија и тоа уште во текот на француското претседателство со ЕУ, изјави денеска евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир на конференцијата „Бугарски гласови за Европа“, што се одржа во Националниот прес-клуб на БТА во Скопје.
Гир пред учесниците во конференцијата, која е дел од дебатите на Конференцијата за иднината на Европа, нагласи дека институциите на ЕУ се цврсто посветени на унапредување на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан и истакна дека исклучително ги ценат напорите што ги направиле сите страни за придвижување на овој процес.
– Успехот е во интерес и на оваа земја, на Албанија, а секако и на поширокиот регион и на самата ЕУ, нагласи Гир.
Говорејќи за Конференцијата за иднината на Европа, Гир напомена дека во неа се вклучени и граѓаните во Северна Македоија. Потсети дека делегацијата на ЕУ организирала шест дебати на оваа тема, со фокус на младите луѓе.
– Западен Балкан е Европа, Западен Балкан природно и припаѓа на Европа и уверени сме дека во наш заеднички интерес е да го продолжиме процесот на проширување без натамошни одложувања. Тоа не е само геостратешки приоритет за партнерите во регионот, туку и наш приоритет не само поради војната, туку и поради притисокот кој го гледате во контекст на таа војна и поради долгите историски социјални и економски врски кои не поврзуваат, нагласи евроамбасадорот.
Гир напомена дека е мошне важно да се запаметат корените на ЕУ, од каде се почнало, од каде доаѓаат, додавајќи дека е мошне лесно да се запостават достигнувањата на Унијата – мирот, просперитетот, единствениот пазар, демократските врдности и почитување на различностите, како и самиот процес на проширување.
– Секако се соочувавме со предзивици, финансиската криза во 2008 година, пандемијата, сега е руската војна во Украина, сите овие работи изгледаат предвидливи, но не се и во се ЕУ водат интензивни дискусии и покажавме единство и брзо се придвиживме напред. Оваа дискусија е мошне важен процес и таа е контраст на тоа што Русија го прави во Украина, а тоа е да ја одреди иднината на Украина без никакви консултации, рече Гир.
Тој додаде дека посветеноста на Северна Македонија на процесот на евроинтеграција се видела во стратешкиот избори кои го направила земјата со поддршка на резолуцијата за осуда на руската агресија во ОН.
– И тука гледаме дека Северна Македонија се приклучи стопроцентно кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, додаде Гир.
Тој потсети дека заклучоците од Конфренцијата за иднната на Европа ќе бидат презентирани во септември од страна на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
На конференцијата меѓу другите учествуваше и известувачот на Европскиот Парламент за Северна Македонија, Илхан Ќучук, кој напомена дека за Европа е важно да го консолидира своето јадро, но подеднакво е важно и да погледне надвор од нејзините граници, надвор од нејзините 27 земји и да се бараат можности за проширување.
Ќучук додаде дека доколку ЕУ не се осврне на проширувањето кон Западен Балкан, тогаш место неа ќе се вклучат трети сили, бидејќи не постои вакуум простор во меѓународните односи и таков вакуум никој не толерира.
Во однос на Конференцијата за иднината на Европа, Ќучук нагласи дека таа треба да стане одржлив механизам за комуникација со европските граѓани за да може Европа да понуди долгорочни решенија и да одговори на кризи. Според него, ова е единствениот начин да се воспостави мост до следните генерации за изградба на ЕУ како проект на одржлив мир, слобода и просперитет.
– Европа не треба да биде џуџе или едно од џуџињата во меѓународните односи, туку главен геополитички играч, рече Ќучук.
Бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов, се надоврза дека иднината на Европа не е однапред детерминирана, туку ја креираат оние кои се дел од неа.
Нагласи дека иднината на ЕУ треба да се движи во насока, која се заснова на основните принципи на кои е поставена.
За спорот со Северна Македонија, амбасадоро Ангелов истаскна дека Бугарија сака гаранции од земјава дека Договорот за добрососедство од 2017 година ќе биде почитуван.
Според Ангелов, бугарските барања за нивното малцинство во Албанија се исполнуваат, поради што немаат задршка да и дадат зелено светло на Тирана, но како што кажа, ќе видат дали во тој пакет ќе биде и Скопје.
Организатор на конференцијата во Скопје беше бугарската агенција, БТА, а нејзиниот генералниот директор Кирил Влчев на отворањето на настанот истакна дека ЕУ е насекаде каде што има европски граѓани, додавајќи дека дискусијата е за иднината на Европа, а не разговор за иднината на една или друга земја.
– Главниот фокус на дебатата досега беше како граѓаните на Бугарија ја замислуваат ЕУ. Бугарија веќе знае како е да се биде членка на ЕУ, се надеваме дека со ваква дискусија ќе го пренесеме нашето искуство овде во Република Северна Македонија, додаде Влчев.