Нема промена во реториката и пристапот на бугарската страна и сѐ додека е така, не може да очекуваме напредок во работата на заедничката комисија, вели Драги Ѓоргиев, копретседавач од македонска страна на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, запрашан да ги коментира последните изјави на бугарскиот копретседавач Ангел Димитров дека во Комисијата нема напредок „поради неподготвеноста на колегите да прифатат дека имаме заедничка историја која почнала во средниот век“.
– Колку ќе се овозможи приближување на ставовите зависи и од двете страни, но со ваквите изјави другата страна однапред одредува во која насока ќе одат состаноците. Нема промена во реториката и во пристапот на бугарската страна и сѐ додека е тоа така, не очекуваме дека ќе има придвижување. Кога едната страна ја обвинува другата страна дека не сака да ја прифати апсолутната вистина на првата страна, не може да се очекува напредок во процесот. Бугарската страна инсистира на заедничка историја, воспоставена во средниот век. Ние не бегаме од заедничката историја, но, тоа не треба да се сфаќа на начин како тоа го сфаќа бугарската страна – дека историјата од средниот век до 1945 година е заедничка. Ако е така, тогаш тоа воопшто не е заедничка историја, туку е историја на еден ист народ. Таквиот пристап не е научен, не е историски, тоа е само едно политичко толкување. Со постојанава реторика всушност се минираат исходите на средбите – вели Ѓоргиев за „Слободен печат“.
Тој најавува дека дека до крајот на мај е договорено да се одржат три средби. Претходниот договор бил да се одржат до крајот на јуни, но на состанокот во Софија минатата недела било договорено да се скрати рокот, за да може и Комисијата да даде свој придонес во новата динамика на односите на двете држави.
– На заедничките разговори неодамна во Софија со колегата Ангел Димитов се договоривме дека годишно можеме да имаме најмногу шест средби, затоа што и меѓу средбите имаме мнногу работа. Пртетходно бевме договорени да имаме по пет средби годишно, сега додадовме плус една – вели Ѓоргиев.
Следниот состанок на Комисијата ќе се одржи кон крајот на февруари во Софија, затоа што последната средба во живо беше во Скопје. Ѓоргиев вели дека сакаат колку може повеќе да се гледаат во живо, но тоа ќе зависи од состојбата со пандемијата.
Во врска со членот што недостасува во Комисијата, Ѓоргиев вели дека деновиве ќе достават предлог до Министерството за надворешни работи, но Комисијата нема да е комплетирана до следната средба. Комисијата брои еден член помалку од ноември, кога министерот за надворешни работи Бујар Османи го прекина договорот со професорот Ванчо Ѓоргиев.
Копретседавачот од бугарска страна Ангел Димитров за бугарските медиуми изјави дека работата се уште е во средниот век, по предметот што се учи во основно училиште, а по три години работа не стигнале до она што се учи во средно училиште.
– Сето тоа е поради неподготвеноста на нашите колеги да прифатат дека имаме заедничка историја која започнала во средниот век. На тоа се должи блокирањето на нормалниот ритам на работата на комисијата и малите постигнати резултати – вели тој.
Димитров рече дека инсистирал повторно да се отвори разговорот за Гоце Делчев и изрази жалење дека средбата на комисијата ќе биде по 150-годишнината од раѓањето на Делчев.
Македонскиот револуционер Гоце Делчев долго време беше тема на разговори во комисијата, а членовите не успеаа да усогласат заедничка препорака. Досега комисијата има препораки за заедничко чествување на пет личности – Цар Самоил, браќата Кирил и Методиј, Климент Охридски и Наум Охридски.