Има повеќе варијатни коишто ќе видиме како ќе се движат во следниот период и тогаш ќе знаеме каква ќе биде цената на лебот. Ако државните резерви не се полни треба да се наполнат, бидејќи добар домаќин и држава го прави тоа, порача денеска Горан Ѓорѓиевски, претседател на Агробизнис комората при Сојузот на стопанските комори.
– Русија и Украина се едни од најголемите производители на пченица во светот, паралелно со тоа и на сончоглед, односно масло за јадање, така што притисокот ќе биде голем на берзите во насока на зголемување на цените бидејќи кога има недостатаок расте цената на берзите. Се уште не ги знаеме конкретните последици бидејќи неколку дена е од почетокот на инвазијата како тоа ќе се рефлектира. Имаше информации кои ги прочитавме во медиумите дека бродовите со пченица се закотвени тој притисок веќе се чувствува, а како понатака ќе се движат тие работи немаме квалитетни информации, рече Ѓорѓиевски, одговарајќи на новинарско прашање.
Посочувајќи дека нема информација дали стоковите резерви се полни упати на неодамнешниот став на ресорниот министер Крешник Бектеши дека количината на државните резерви е државна тајна и оти во адекватен момент ќе реагираат и ќе одговорат на тоа прашање.
– Ние сметаме дека во тоа треба да бидеме проактивни, ако не се полни да се наполнат, да бидеме подготвени за најлошо сценарио, добар домаќин, добра држава, секогаш го прави тоа, порача Ѓорѓиевски.
Прашан дали ќе има поскапување на лебот од 1 март од кој датум ќе нема замрзнати цени на основните прехранбени производи, туку ограничување кај маржите за трговците, рече дека тоа ќе се знае по пресметките во престојниот период.
– Врз основа на квалитетни калукулации што ќе ги направиме во периодот што доаѓа тогаш точно ќе знаме какви ќе бидат цените и колку ќе се зголемат. Не се знае каква ќе биде цената на житото на берзите, не може да одредите колку ќе се покачи, дали ќе се активираат стоковите резерви – па може да се спуштат цените на суровите, дали државата ќе дава субвенции за енергија и тоа ќе влијае производителите на тие цени. Има повеќе варијатни коишто ќе видиме како ќе се движат во следниот период и тогаш ќе знаеме како ќе биде цената на лебот. Секако дека како бизнис ќе се потрудиме во овие тешки времиња да имаме најминимална цена на овие основни прехрбнабени производи, а не само на лебот со цел да ги пребродиме овие тешки и специфични времиња, рече Ѓорѓиевски.
Претседателот на ССК, Трајан Ангелоски, исто така, посочи дека случувањата во Украина ќе влијаат на многу сектори и оти се очекува да има голем притисок на берзите за зголемување на цените, но оти е неблагодарно моментно да се каже каква било бројка или очекување.
– Генерално, страшно е она што се случива со Украина, ќе има голем ефект на многу сектори, првенствено веќе почна во текот на вчерашниот ден гледате енергенсите, дали е тоа нафта, дали ќе биде гас, дали ќе биде електрична енергија, нивните цени ќе растат. Металите исто така, Украина беше голем производител на метали, а и Русија и Украина се големи извозници на житарици. Поради случувањата во Украина веројатно не очекуваат големи шокови, телевизиските канали се полни со разно-разни информации и воопшто не е позитивна целата работа, посочи Ангеловски.
Никој, вели Ангелоски, не знае во кој правец ќе одат цените на берзите, можеби ќе се смири ситуацијата уште утре, а можеби ќе ескалира и ќе отиде во друг правец. Неблагодарно е да се каже во моментов каква било фиксна бројка или очекување.
Со одлука на Владата од 1-ви следниот месец до 31- мај година највисоката трговска маржа на продажната цена пресметана во трговијата на големо ќе изнесува до пет проценти, односно до 10 проценти на продажната цена во трговија на мало. Мерката се однесува на: леб, шеќер, сол, брашно – тип 400, сурово сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежо месо и сувомеснати производи, сирење и урда, ориз, јајца, тестенини, пченица и овошје и зеленчук. Со оваа одлука се контролира растот на цените на основните прехранбени производи да нема значајно влијание врз потрошувачката на граѓаните со оглед на тоа што од 1 март престанува да важи одлуката за највисоки (замрзнати) цени на основните прехранбени производи.