Во извештајот се потсетува на неколку случаи на кражба на канабис од магацини на лиценцирани компании, меѓу кои и оној од декември минатата година кога два тони канабис беа украдени од складиште на компанија во селото Јосифово близу Валандово.

Извештајот го анализира целиот нелегален пат на дрогата, од Западниот Балкан до централна и западна Европа, а како посебен регион од интерес е издвоен источниот дел од земјата.

-Источниот дел од Северна Македонија вклучува ‘жешки точки’ каде наркотиците доаѓаат од Бугарија (хероин и синтетички дроги) од Благоевград во Делчево, а канабисот оди во обратна насока… Преку Струмица во Грција се пренесува канабис и хероин, а кокаинот оди во двете насоки. Клучна точка е Велес зашто се наоѓа на патот кој оди од Исток кон Запад, како и на Коридорот 10 кој оди од Север кон Југ стои во Извештајот.

Северна Македонија освен на канабис е производител и на синтетички дроги, се наведува во извештајот во кој е опишан случајот од 2017-та кога во нелегални лаборатории во Батинци и во близина на Тетово беа запленети 910.000 таблети „Каптагон“, 52 килограми амфетамини и сировини кои се користат за производство на наркотици.

Според извештајот Северна Македонија е на претпоследното место од шесте држави на Западниот Балкан според заплената на дрога од страна на полицијата, зад неа е единствено Косово.

Во 2019-та биле запленети близу 1.000 килограми дрога (977 килограми канабис и 2 килограми други дроги). Истата година во Србија полицијата запленила над 7.000 килограми, во Албанија над 5.000 а во Босна и Црна Гора по околу 2.000 килограми.

-Шверцот на дрога од размери какви што има на Западниот Балкан е можен само во дослух со државни структури. Оваа ‘заштитничка економија’ опфаќа корумпирани гранични службеници кои ‘гледаат настрана’ на клучните премини, полицајци кои го игнорираат па дури и се вклучени во шверцот. Исто така може да вклучува и политичари кои ги штитат клучните играчи за процент од бизнисот. Фактот што има релативно малку заплени на дрога во регионот сугерира или на небрежност или на корумпираност кај силите на редот наведуваат авторите.

Извештајот на „Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал“ која е со седиште во Виена го анализира и шверцот со мигранти.

-Иако безбедноста на границата меѓу Грција и Северна Македонија беше зајакната, Северна Македонија останува клучна транзитна рута за мигрантите која е особено популарна за мигрантите од Пакистан и Авганистан кои ангажираат локални шверцери се наведува во текстот.

Во овој нелегален бизнис, според авторите, само на границата меѓу Грција и Северна Македонија се вртат меѓу 11.8 и 17.7 милиони евра годишно.

За нелегално минување низ македонска територија, од Грција до Србија мигрантите плаќаат по 1.000 до 2.500 евра – за превоз од Гевгелија и Дојран до Куманово се наплаќа од 500 до 700 евра, а од Куманово преку граница до Србија уште 500 до 600 евра, наведуваат авторите.

-Често шверцерите ги земаат сите пари од бегалците а потоа ги оставаат на пат или на планина и тие немаат ориентација каде се. Има и извештаи за изнуди, киднапирања и уцени… Дел од мигрантите Северна Македонија ја нарекуваат ‘Мафијадонија’ поради криминалната репутација изјавил хуманитарен работник кој е цитиран во текстот.

Во извештајот се наведува дека парите заработени од производството и трговијата со наркотици, шверцот со мигранти и други криминални активности се перат на повеќе начини.

-Валканите пари кои се заработуваат и се перат во регионот го поттикнуваат еко-системот на криминал и корупција објаснува Кристина Амерхаусер, една од авторите на извештајот.

Парите се перат преку недвижности, казина и туристички објекти, а процесот опфаќа и мали легални бизниси како кафетерии, пицерии, ресторани, хотели и бензински станици.

-Заеднички именител за овие бизниси е користењето кеш… Овие бизниси редовно менуваат сопственици по што доаѓа до зголемување на прометот и профитот стои во извештајот.

Во перењето пари можат да бидат вклучени и нотари, адвокати, банкари, агенти за недвижности.

-Извештај на Moneyval (тело против перење пари на Советот на Европа, н.з.) наведува дека во Северна Македонија нотари, адвокати и сметководители не се обидуваат да идентификуваат кој има корист од трансакциите во кои тие директно или индиректно се вклучени стои во текстот.

Неформалната економија во Северна Македонија, според авторите, учествува со 20 до 40% од Бруто домашниот производ.