Право на глас има секое лице што е запишано во изводот од избирачкиот список и поседува важечки документ за лична идентификација – лична карта или патна исправа.
Гласачите пристапуваат да гласаат еден по еден, избирачкиот одбор ќе го провери личниот идентитет на гласачот, личниот идентитет се докажува со важечки личен документ и со отпечаток од прсти. За важечки личен документ се смета: важечка лична карта или важечка патна исправа или лична карта чија важност
истекла во периодот од распишување на изборите до денот на нивното одржување.
Гласачот нема да може да гласа доколку нема еден од претходно наведените важечки лични документи или доколку отпечатокот од прсти не се совпаѓа со отпечатокот од прсти во електронскиот избирачки список, иако го има во Избирачкиот список.
Избирачкиот одбор врши проверка дали гласачот претходно гласал. Потврдувањето на идентитетот и проверката дека гласачот нема гласано претходно се врши на тој начин што на гласачот ќе му биде земен отпечаток од показалецот од десната рака. Доколку гласачот нема десен показалец, се зема отпечаток од показалецот од левата рака. Доколку на гласачот му недостасуваат овие два прста, се зема отпечаток од наредниот прст. На екранот на мониторот ќе се појави слика на гласачот и редниот број во избирачкиот список, по што гласачот ќе стави потпис во избирачкиот список.
По завршувањето на оваа постапка, на гласачот ќе му се издадат гласачките ливчиња, едно за избор на градоначалничка/градоначалник на општината и едно гласачко ливче за избор на советници и советнички
во Советот на општината, при што на гласачките ливчиња им се става печат од гласачкото место на местото предвидено за ставање на печат.
Се гласа самостојно зад гласачкиот параван со заокружување на редниот број пред само еден кандидат со пенкалото што е оставено во параванот.
Со заокружување на повеќе кандидати, внесување дополнителни симболи, пишувања на страна, или одбележување на ливчето со фломастер или пенкало во која било боја освен сина, гласачкото ливче
станува неважечко.
Откако ќе гласа, гласачот го превиткува секое гласачко ливче поединечно и го пушта во соодветната гласачка кутија.
Се зема документот за лична идентификација и се напушта гласачкото место.
По исклучок, доколку техничката опрема не може да најде совпаѓање на отпечатоците, а избирачкиот одбор може да го утврди личниот идентитет на гласачот преку важечка лична карта или важечки пасош и ќе утврди дека нема претходно гласано преку потписите во избирачкиот список, во тој случај гласачот ќе биде внесен во техничката опрема со пребарување преку нејзиниот/ неговиот единствен матичен број (ЕМБГ) и ќе му се земе отпечаток од прст со цел заштита на избирачкото право.
Утврдување на идентитетот на гласачот и дали тој/таа претходно има гласано се врши без техничка опрема во следниве случаи: за гласање на избирачи што гласаат дома, за гласање на граѓаните што за време на изборите се наоѓаат во установи за вонсемејна грижа, за гласање на граѓаните што за време на изборите се на издржување казна затвор или се во притвор, односно куќен притвор, за гласање на граѓаните што за време на изборите се наоѓаат на привремена работа или престој во странство, за гласање на членовите на избирачките одбори за гласање во ДКП, односно конзуларните канцеларии.
За избирачите – лица со попреченост што не можат да влезат, односно да пристапат до гласачкото место, избирачкиот одбор е должен на овие лица да им овозможи на соодветен начин да влезат односно пристапат во гласачкото место за да го остварат своето право на глас.
Доколку овие лица со себе не довеле лице што ќе им помогне при влезот односно пристапот во гласачкото место, во тој случај избирачкиот одбор е должен да определи лица од редот на избирачите што во тој момент се затекнале во гласачкото место да му помогнат на избирачот со попреченост да
влезе, односно да пристапи до гласачкото место за да го оствари своето право на глас.
Доколку поради кои било причини на избирачот не му е дозволено да го оствари своето право на глас, избирачкиот одбор, на барање на гласачот, треба да пополни образец во два примероци, претходно усвоен од Државната изборна комисија, во кој ќе ги наведе и образложи причините, и еден примерок треба да му даде на избирачот.
Избирачкиот одбор треба да го упати гласачот во Општинската изборна комисија.
ОИК на денот на гласањето е отворена за сите гласачи што ќе побараат помош за остварување на своето гласачко право.
Секој гласач има право да поднесе до Општинската изборна комисија: приговор за заштита на личното избирачко право во постапка на спроведување на гласањето, а ОИК е должна на секој гласач што ќе се обрати во ОИК со намера да поднесе приговор да му издаде формулар на кој ќе го поднесе приговорот, потоа и приговор поради повреда на личното избирачко право во секоја фаза од изборниот процес, кој секој избирач може да го достави до Државната изборна комисија непосредно или преку општинската изборна комисија, во рок од 12 часа.
ОИК е должна на секој гласач што ќе се обрати во ОИК со намера да поднесе приговор да му издаде формулар на кој ќе го поднесе приговорот или да го упати и да му помогне да го пополни електронскиот формулар на приговорот на www.prigovori.sec.mk.