Тој денеска побара помош од претседателската на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска во спроведување на предмети поврзани со донесување на деталните планови, за кои Општината има почнато постапки, но со години никој не постапува по нив.
-Ако многу од тие предмети се решат во корист на Општината значително ќе се измени ситуацијата на одредени локации. Ако се докаже дека имало спорна продажба на земјиште може да ја укинеме таа градба и просторот да се врати во првобитна состојба. За жал, цел овој период никој не мрдна за да се направи нешто. Од 2012 ние сме единствени кои нешто правиме. И другите институции да реагираа, многу работи ќе се сменеа. Ама еве, завршете си ја работата за која земате плата, за тоа што сносите одговорност. Ние покренуваме постапки, донесовме мораториум два пати. Јавно кажувам – аман за аман преземете нешто. Значи имаме неусогласен план, ама ако некој не ги фати за гуша тие што го направиле и одобриле планот џабе расправаме сега, рече Богдановиќ.
Во однос на парцелата кај хотелот „Холидеј ин“ каде се предвидува изградба на три згради од 15, 20 и 25 ката, Богдановиќ вели дека по укинувањето на мораториумот нема начин како да се стопира градење оти законот вели дека додека не се донесе нов план, на сила е стариот и по него мора да се постапува.
-Ние сме ги завршиле работите во рамките на нашите надлежности, сега мора да се вклучат и другите ако сакаат да ни помогнат. Во одлуката на Уставен суд стои дека новиот Закон за урбанистичко планирање е причина за укинување на мораториумот. Сега кој ќе понесе одговорност за тоа. Сите тие што се фалат дека учествувале во изготвување на законот денеска треба да си ја лупнат главата во ѕид и да кажат тоа што донеле нов закон, денеска не смее да имаме мораториум, рече Богдановиќ.
Инвеститорите, фирмата „МГ Фешн“ и Македонската православна црква преку фирмата „Обновители“, платија комуналии во висина од 150 милиони денари или 2,43 милиони евра и тоа 60 отсто на Град Скопје (1,4 милиони евра) и 40 отсто на Општина Центар (1 милиони евра). Претходно, Општина Центар им го одобри идејниот проект за објектите. Со тоа, сега останува уште инвеститорите да поднесат барање за добивање градежна дозвола и потоа слободно можат да градат на овој последен слободен простор во центарот на Скопје, што е на околу 200 метри од Собранието.
Инвесторите ќе немаат никакви пречки да добијат градежна дозвола бидејќи веќе на сила не е мораториумот, и тие барањето ќе го достават врз основа на стариот Детален урбанистички план (ДУП), кој дозволува на овој простор да се градат 60-катници.
Сопствениците на просторот кај „Холидеј ин“, фирмата „МГ Фешн“ и Македонската православна црква преку фирмата „Обновители“, најпрво располагаа со површина од 4.605 метри квадртани кои ги купија од физички лица и со тоа се стекнаа со 30 проценти од градежната парцела. Потоа во 2018, кога на сила беше мораториумот за градба, од Министерството за транспорт и врски кога министер беше Горан Сугерески од СДСМ, го купуваат државното земјиште на овој простор со површина од 9.048 метри квадратни метри по цена од 312 евра за квадрат. Со тоа му се даде можност на инвеститорот да поседува поголем дел од просторот и наместо тоа да биде државно земјиште со кое Општината можеше да прави што сака, сега е приватно и на него ќе се градат три згради.