За првиот заменик премиер Артан Груби, го гледаме како испраќа повици за вработување за приватна странска фирма Бехтел и Енка. Јас се прашувам дали за него важи законот за владата бидејќи во него во членот 8 пишува дека владата ќе обезбеди слобода на пазарот и претприемништвото и ќе оневозможи монополска положба, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

Таа истакна дека не може министер да настапува како менаџер ниту како портпарол особено не со пари на граѓаните.

– Од каде му произлегува правото да делува како менаџер на Бехтел и Енка со нашите пари? – прашува таа.

Силјановска воедно ги запраша и министерката за труд и социјална политика и министерот за внатрешни работи што презеле против фемицидот кој стана секојдневие и жените живеат во страв.

– Прашање е за министерката за труд и социјална политика. Верувале или не, денеска е опасно во Македонија да се биде жена. Се зголеми насилството врз жените и девојчињата, се зголеми насилството врз новинарките, зачести семејното насилство, убиствата, од 19 убиства за 4 години, дури 14 случаи имаме на фемицид, од бивши и сегашни партнери, сопрузи. Ги слушам министерката за труд и социјална политика и министерот за внатрешни работи како по разни расправи разговараат за потреба од нов институционален пристап, едукација, тренинг, кампања, всушност си се обраќаат сами себе си. Интерсекторскиот пристап е во рацете на владата, но и во се уште присутната патријахална и парохијална политичка култура дури и овде. Стравот на жртвите расте. Ги прашува двајцата што презедоа и дали чувствуваат одговорност за фемицидот кој стана македонско секојдневие, рече таа.

Силјановска Давкова го запраша министерот за правда дали не прави злочин и казна со законот за амнестија и дали ги одобрил и измените во КЗ.

– Последното прашање за министерот за правда. Неговата партија ќе остане запаметена по заложбата за жестока битка со корупцијата и криминалот инспирирана од Злочин и казна на Достоевски кога сите министри беа наречени Раскољниковци. Ама министерот за правда не се приклучи и не го видовме дури ни на корицата на Законот за измена на Кривичниот законик, се појави заменик министерката, а таа може да влече овластување само од него. Се случи скриена амнестија, ама јас прашувам што мисли министерот за овие измени и дали со молчење обезбеди злочин и казна? Стигна закон за амнестија кој е жива номотехничка катастрофа. По седми пат се случува амнестија и парламентот упаѓа во судството. Моето прашање е дали недостигот на простор во затворите е причина за ваква амнестија и повторно имаме злочин и казна.