Владејачката партија Грузиски сон во соопштение рече дека „безусловно ќе го повлече нацрт-законот, без никакви резерви“. Партијата ја наведе потребата да се намали „конфронтацијата“ во општеството, истовремено осудувајќи ги „лагите“ кажани за нацрт-законот од „радикалната опозиција“.

Сепак, опозициските водачи рекоа дека протестите ќе продолжат во 19 часот. Гига Лемоњава, претставник на партијата Дроа, рече дека тие бараат владата официјално да го осуди предлог-законот и да ги ослободи сите приведени за време на протестите, пренесува Reuters.

Црноморската земја со 3,7 милиони жители бележи чести политички потреси од осамостојувањето од Советскиот Сојуз во 1991 година, вклучително и мирната „револуција на розите“ во 2003 година и катастрофалната војна против Русија пет години подоцна.

„Тоа беше руски закон што мораше да биде отповикан и не требаше да помине низ парламентот под никакви услови“, рече Ника Оболадзе, 32-годишен жител на Тбилиси.

„Оние кои го предложија законот се одговорни за целата оваа збрка. Бидејќи 90 отсто од Грузијците ја поддржуваат европската интеграција и ништо не треба да го спречи тоа“, додаде тој.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Москва е „загрижена“ за настаните во Тбилиси и рече дека грузискиот предлог-закон нема никаква врска со руските закони.

„Кремљ не инспирираше ништо таму, Кремљ нема апсолутно никаква врска со тоа… Ако добро го разбирам, една верзија беше многу слична на еквивалентен закон во САД“, рече Песков.

Делегацијата на Европската унија во Грузија ја поздрави одлуката за повлекување на нацрт-законот, пишувајќи на Твитер: „Ги охрабруваме сите политички лидери во Грузија да продолжат со реформите за ЕУ, на инклузивен и конструктивен начин“.

Парламентот првично го одобри нацрт-законот во вторникот, но десетици илјади демонстранти потоа се собраа пред парламентот, некои фрлајќи бензински бомби, камења и пластични шишиња кон полицијата. Властите соопштија дека се приведени десетици.

Полицијата употреби солзавец, водени топови и шок-бомби за да ја разбие втората ноќ од протестите во средата.

Нацрт-законот го продлабочи јазот меѓу Грузискиот сон, кој има парламентарно мнозинство, и претседателот Саломе Зурабичвили, проевропеец кој се оддалечи од партијата откако беше избран со нејзина поддршка во 2018 година.

Зурабичвили рече дека ќе стави вето на законот, иако парламентот може да ја отфрли.