Финска долго време силно го поддржува европскиот пат на своите партнери од Западен Балкан, но исто така очекува тие целосно да се усогласат со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија и да ги негуваат нејзините клучни вредности – човековите права, демократијата и владеењето на правото, изјави министерот за надворешни работи на Финска Пека Хависто.
Во авторскиот текст, Хависто нагласи дека овие клучни вредности што ги претставува ЕУ важат и за земјите членки и за земјите кандидати и дека се рефлектираат и во надворешната политика на Унијата, пренесува Еуроактив.
Хависто вели и дека кога земјите кандидати ќе ги исполнат своите обврски, во ЕУ не смее да има изговори за одложување на процесот, ниту билатералните прашања да бидат дел од процесот на проширување или преговорите со ЕУ.
Во текстот Хависто оценува дека „политиката на проширување се вратила во првите редови на геополитичките инструменти на ЕУ“, пренесува бриселскиот портал Euractiv.com.
Како илустрација, тој наведува дека од минатата година уште три земји добиле статус на кандидати за членство во ЕУ, дека се отворени преговорите за членство со Албанија и Северна Македонија и дека минатата недела Србија и Косово презеле позитивни чекори кон нормализација на односи.
Дополнително, како што смета шефот на финската дипломатија, ЕУ во континуитет покажува дека е посветена да му помогне на Западен Балкан во градењето на отпорни и одржливи општества засновани на клучните европски вредности.
„Овие вредности – човекови права, демократија и владеење на правото – мора да се рефлектираат во надворешната политика и во реакцијата на илегалната руска војна во Украина“, пишува финскиот функционер.
Мислите на Финска „сега се во насока на поддршка на Украина на кој било начин. Исто така, не ги заборавивме нашите партнери од Западен Балкан – во срцето на Европа“, се наведува во текстот.
Хависто пишува дека Финска долго време е заинтересирана за благосостојбата на луѓето во регионот, дека многу од најпознатите фински политичари одиграле важна улога на Балканот, како што се Елизабет Рен, Хари Холкери, Оли Рен и поранешниот претседател Марти Ахтисари и дека „тие врски и помогнаа на Финска да изгради посветеност на мирот и стабилноста на Западен Балкан“.
„Кога земјата апликант го спроведува својот дел за исполнување на критериумите, не смее да има оправдување за ЕУ да го одложи процесот. Билатералните прашања не треба да бидат дел од процесот на проширување на ЕУ или преговорите“, рече Хависто.
Тој нагласува дека денес е поважно од кога било да се застане во одбрана на клучните вредности и дека владеењето на правото е камен-темелник на функционално демократско општество.
„Сепак, загрижен сум што, како што е наведено во последниот извештај на Европската комисија, во неколку земји вклучени во процесот на проширување, забележавме слаб напредок во клучните области на владеењето на правото и основните права.
Наведувајќи дека ЕУ ги поддржува човековите права, демократијата и владеењето на правото и дека овие вредности ги обврзуваат и земјите членки и земјите кандидати, Хависто посочува дека овие вредности се рефлектираат и во надворешната политика на Унијата.
Шефот на финската дипломатија потсетува дека четирите партнери од Западен Балкан, Албанија, Црна Гора, Косово и Северна Македонија, целосно ги почитуваа санкциите на ЕУ против Русија.
„Очекуваме и Србија и Босна и Херцеговина (особено Република Српска) целосно да ја усогласат својата надворешна и безбедносна политика со политиката на ЕУ. Ова не е само обврска на земјата кандидат за ЕУ, туку и јасна порака за поддршка на суверенитетот на Украина, а против нелегалната и неприфатлива војна“, изјави Хависто.
„ЕУ нема скриени агенди. Придобивките и обврските од членството во ЕУ се јасни“, пишува Хависто и нагласува дека „во многу земји од Западен Балкан поддршката на луѓето за членство во ЕУ останува силна“.
„Таа поддршка, сепак, не треба да се зема здраво за готово. За да дојдеме до граѓаните на Западен Балкан, ни требаат владите и граѓанскиот сектор во регионот. Сите наши партнери, како и ЕУ, мора да работат против малигно влијание и наративи кои ја искривуваат сликата за обединета Европа: За да останеме силни, мора да бидеме обединет фронт, заедно да градиме подобра иднина за сите наши деца“, заклучи Пека Хависто.