Според Хисени, кој е и поранешен министер за внатрешни работи на Косово, со изјавите на Борел, кој ја осуди акцијата во северниот дел на земјата, населен со мнозинско српско население, се доведува во прашање неговиот кредибилитет како главен посредник во реговорите меѓу Приштина и Белград.
Тој смета дека прашањето за авторитетот на Борел како главен европски дипломат треба да го постават челниците на САД, Франција, Германија, Велика Британија и на ЕУ.
-Главното прашање кое треба да се постави тука е дали Борел има кредибилитет за да биде неутрален посредник во косовско-српскиот дијалог. По вчерашната изјава оваа дилема станува уште поголема. Меѓутоа, попрво одошто од наша страна, односно од страна на Владата на Косово, оваа дилема треба да се постави од претседтелот Џо Бајден, претседателот Емануел Макрон, канцеларката Ангела Меркел, премиерот Борис Џонсон и високите претставници на ЕУ, затоа што Косово ја нема моќта да влијае, а уште помалку да одлучува по ова прашање ,напиша Хисени на својата страница на Фејсбук.
Тој порача дека „Борел не може да се однесува како да е командант на полицијата или обвинител во Косово“.
-Со вчерашната изјава, застанувајќи на страната на криминалот, Борел згазна и врз едната од темелните вредности на ЕУ – за ред и закон. Тој треба да знае дека органите на редот и законот во Косово се суверени и не треба да бараат одобрение од никого за да се борат против криминалот на својата територија. Уште помалку одобрение од Србија, која фактички е главен спонзор на криминалот во еден дел од нашата земја, напиша Хисени.
Косовската полиција, по налог на обвинителството, вчера спроведе обемна акција против шверц со разни стоки во повеќе општини низ земјата, при што се уапсени десетина лица и е распишана потерница по неколку други. Во општините со мнозинско српско население Грачаница и Северна Митровица групи граѓани од српска националност се спротивставија на акцијата, при што дојде до судири со полицијата, во кои имаше неколку повредени цивили и десетина полицајци, како и оштетени возила.