Холандскиот производител на опрема за производство на чипови ASML предупреди дека може да се пресели во странство поради влошената деловна клима во матичната земја. Прашината ја кренаа, плановите за даночни промени кои граѓаните ги поддржуваат, додека компаниите стравуваат од губење на квалификувана работна сила.

Холандија ги зголеми стапките на корпоративните даноци во последниве години по бранот протести и низа судски случаи, вклучувајќи го и оној против енергетскиот концерн „Shell“, а партиитекои победија на изборите минатата година сигнализираа дека би можеле повторно да ги зголемат даноците. Се подготвува и план за намалување на даночните поволности за висококвалификуваните имигранти, на кои особено сметаат компаниите од технолошкиот сектор.

Плановите за зголемување на даноците им се допаѓаат на граѓаните, додека компаниите ги критикуваат. Технолошкиот сектор, пак, предупредува дека висококвалификуваната работна сила би можела да почне да ја заобиколува Холандија, што, како што тврдат, може да го загрози нејзиниот просперитет.

„Многу компании котирани на берзите ја истражуваат можноста да ги преселат своите централи во друга земја. Ќе ви требаат две раце за да ги изброите“, нагласува директорката на најголемата индустриска групација во земјата VNO-NCW, Ингрид Тхијсен.

Нејзиното предупредување се совпаѓа со јануарската студија на институтот SEO Economic Research, нарачана од Министерството за финансии, која покажа дека една третина од холандските мултинационални компании ќе размислат за преместување на операциите во странство во следните две години.

Преместување или проширување

Повеќе од десетина компании одговориле на прашањето на Reuters дали се загрижени за деловната клима во Холандија и дали ќе размислат за преместување на нивните централи.

Иако само неколку рекле дека ќе ја разгледаат можноста, некои, вклучувајќи ги „Shell“ и „Unilever“, веќе си заминаа. Некои наведуваат дека приоритет им е проширувањето во странство. Сите компании, вклучително и лидерите во финансискиот сектор и индустријата, се загрижени поради неизвесноста на идните владини мерки, клучни за бизнисот.

И шефот на холандската подружница на производителот на полупроводници NXP, Жан Шреурс, е загрижен поради можното ограничување на имиграцијата.

Парламентот усвои предлог со кој ќе се ограничи бројот на странски студенти на холандските универзитети и ќе се укинат даночните олеснувања за квалификуваните имигранти, две важни точки за привлекување на квалификувана работна сила.

„Ако луѓето заклучат дека не се добредојдени, Холандија нема да биде првата земја во која ќе погледнат“, рече Шреурс, додавајќи дека, сепак, во целина гледано, тие сè уште имаат добра репутација.

Добавувачот на опрема за чипови „ASM International“ неодамна се прошири во САД, а „BE Semiconductor Industries“ замина во Виетнам. Компанијата за исплаќања „Adyen“ соопшти дека претпочита да вработува во канцелариите ширум светот отколку во нејзиното седиште во Амстердам.

Холандија сè уште е добро рангирана во меѓународните деловни истражувања, но политиката и компаниите не се слушаат една со друга, вели Хенк Волберда, професор по стратегиски менаџмент на Универзитетот во Амстердам.

„Мислам дека владата треба да ги преиспита фискалните промени што беа спроведени во последно време“, вели Волберда.

Паравани

Во последниве години, Холандија е на листата на таканаречените даночни оази, привлечни за компаниите кои сакаат да ги намалат даночните трошоци со пренасочување на заработката. Околу 17 отсто од трансакциите со кои компаниите од целиот свет се обидуваат да ја сокријат својата добивка од даночните власти се пренасочени преку Холандија, покажува минатогодишното истражување на независната организација „Tax Justice Network“.

Бројките се засноваат на податоците на OECD од 2018 година и покажуваат дека благодарение на Холандија, од даноци биле скриени вкупно 51 милијарда долари, во споредба со 19,4 милијарди во 2016 година, според организацијата.

Парите коишто биле пренасочени преку Холандија, главно доаѓале од Германија, Белгија, Луксембург и САД, се додава во извештајот на „Tax Justice Network“. Околу 10.000 таканаречени „компании-паравни“ имаат седиште во Холандија, кои првенствено се користат за префрлање на профитот и затскривање на сопственоста.