Министерот за животна средина, Насер Нуредини уште во декември објави дека грчката компанија Полиеко, специјализирана за третман на индустриски депонии победила на меѓународниот тендер, распишан од агенцијата на Обединетите Нации УНИДО за чистење на првата од трите депонии со отровната хемикалија линдан, која повеќе децении претставува сериозен загадувач во непосредна близина на Скопје. Оттогаш траат и формалностите околу документацијата на релација МЖСПП-„Полиеко“.
Од Министерството информираат дека чекаат да им биде доставен превод на документацијата по што тие ќе издадат Одлука за започнување на активностите, па дури потоа ќе следуваат подготвителните активности и на терен, како и обезбедување на потребната документација, сите потребни транзитни дозволи до крајната дестинација и воедно признаваат дека во услови на пандемија целиот процес се одвива отежнато. Ова значи неизвесен старт за самото чистење на линданот од малата депонија и уште повеќе го пролонгира целиот процес на отстанување на опасната хемиска закана од дворот на ОХИС.
Малата депонија, која е прва на ред за чистење, и големата, според проценките, заедно содржат помеѓу 50 и 70 илјади тони опасен отровен материјал и контаминирана почва. Проценките, пак, за цената на чинење на чистењето на линданот достигнуваат и до 260 милиони евра, доколку опасната хемикалија се транспортира на уништување во странство. Неизвесно е и дали и кога државата ќе се справи и со третата депонија во кругот на ОХИС, за која постојат сигурни сознанија дека содржи линдан, но чијшто состав сè уште не е детално истражен, како и со линданот депониран кај излетничкото место Пеленица, во близина на населбата Драчево.
Огромни количества линдан, кој е токсична супстанца, пестицид, во осумдесетите била затрупана во кругот на некогашната хемиска фабрика откако на светско ниво била донесена забрана за негово производство и употреба во земјоделието. Оттогаш депонираниот линдан, кој во меѓувреме стасал и до подземните води, како што покажале научни истражувања, го загрозува здравјето на населбите во околината на ОХИС, но и во пошироката скопска котлина. Програмата за работа на Владата до 2024 година содржи ветување дека ќе се реши проблемот со линданот во хемискиот комбинат ОХИС, Скопје, за што се обезбедени 15,5 милиони долари, како и дека ќе се направат испитувања на третата депониска локација во ОХИС.