Јас не гледам суштински промени во „новиот“ француски предлог. Тој навистина е малку „рафиниран“, како што вели француската амбасадорка во Софија, но во основа е ист со претходниот – пишува Бранко Героски во колумна за Плусинфо и додава:
Како и стариот „екстра вирџин“, така и новиот „рафиниран“ предлог не решава ништо битно и не значи симнување, туку одложување на бугарското вето до втората меѓувладина конференција. Првата ионака ќе биде „политичка“ и свечена, претпоставувам.
Секако, за почит се напорите што ги вложил премиерот Димитар Ковачевски македонскиот јазик да не се оспорува во преговарачката рамка, во неа да ги нема протоколите за историските прашања и да не се обусловува првата меѓувладина конференција.
За жал, тие напори за подобрување на францускиот предлог не дале преголем резултат. За што вината, се разбира, не треба да се бара кај Ковачевски. Прасе не се гои пред Божик…
На пример, таква промена наводно била извршена за прашањето за македонскиот јазик, кој, според министерот Бујар Османи, бил еден од најголемите проблеми во преговорите. Па сега, голем јазик, голем проблем, го личи… Како и да е, во Преговарачката рамка со ЕУ сега има чиста формулација за македонскиот јазик, само со забелешка на бугарскиот претставник која ќе влезе во записникот, дека Бугарија нашиот јазик го смета за дијалект на бугарскиот. Не знам дали ова навистина е новина, ама знам дека кога пред неколку дена ја коментирав „старата“ верзија на предлогот, идејата ова прашање да се адресира со унилатерална изјава на Бугарија за нејзиното разбирање на темата, како и евентуално со наша „реплика“, ја оценив како добар методолошки пристап во предлогот на Макрон. Што е сега новото?
Втора битна промена наводно е прашањето кога, всушност, ќе почнат преговорите. Наместо после измените на Уставот, како во првата верзија на предлогот на Париз, преговорите на Македонија со ЕУ сега ќе се „отворат“ веднаш, но преговарачката рамка ќе се презентира дури по внесувањето на Бугарите во Уставот. Тогаш, всушност, ќе почне вистински да се преговара. Ете и тоа е една од клучните „козметички“ интервенции во трите документи што го сочинуваат францускиот предлог.
Прочитајте ја целата колумна ТУКА.