Претседавачот на одборот на гувернери на Федералните резерви на САД, на 30 септември изјави дека американската централна банка нема намера да ги забранува ниту пак ќе ги ограничува криптовалутите.

Веста од 19 октомври, дека американската Комисија за хартии од вредност (SEC) ќе го одобри првиот Bitcoin Futures Exchange фонд во САД означи своевидно признание од страна на американскиот регулатор дека криптовалутите се неизбежна реалност која треба институционално да се прифати и формализира. Ова регулаторно одобрение ја однесе цената на биткоинот на досега највисоко ниво.

Од друга страна, Банката на Америка започна истражување за дигиталниот имот што укажува дека вредноста и оптекот на криптовалутите веќе доволно пораснале така што институционалните инвеститори веќе не можат да ги игнорираат. И инвестициските банки го отфрлија нивниот претходен скептицизам кон криптовалутите. Во ноември, JP Morgan ја потврди својата прогноза дека биткоинот ќе ја досегне вредноста од 146 илјади долари. Ситибанк предвидува дека првата криптовалута оваа година ќе достигне 120 илјади долари.

Иднината на криптовалутите изгледа одлична, барем засега, бидејќи сè повеќе луѓе сакаат да поседуваат криптовалути, а се шири и кругот на познати личности кои зачекорија во тој домен. Растот на побарувачката, во комбинација со ограничената понуда и сè побавното темпо на ископ на биткоин, укажуваат на долгорочно продолжување на растот на цената на „дигиталното злато“, како што некои го нарекуваат биткоинот.