Дел од граѓаните сакаат да го проверат нивото на антитела пред да се одлучат за вакцина, сомневајќи се дека можеби веќе го прележале вирусот и создале имунитет. Ако имаат антитела, се прашуваат и дали количината што ја имаат има врска со тоа дали ќе примат вакцина.
– Немам прележано Ковид-19, но еднаш во месецот правам тест за антителата. Одам на работа, имам контакт со луѓе и не можам да бидам сигурен дали во меѓувреме сум се заразил или, пак, сум го прележал вирусот на нога. Поради специфичната професија, имам можност да се вакцинирам за неколку дена. Но, дилемите се големи. Дали претходно пак да ги проверам антителата? Дали ако имам одреден број антитела, би било полезно да се вакцинирам? Дали со тоа би можел да му направам проблем на мојот имунитет – во дилема е еден од членовите во групите за ковид-искуства.
Антителата се клучен дел од нашата имунолошка одбрана. За Ковид-19 се испитуваат преку вадење крв од вена. Откриваат дали и како сте биле изложени на вирусот и дали сте развиле антитела против него.
Од Министерството за здравство велат дека одлуката на граѓаните е индивидуална, но непотребно е правење ПЦР или антигенски брз тест пред вакцинација.
– Пред вакцинација против Ковид-19 не е потребно граѓаните да направат проверка на антителата ИгГ и ИгМ, ниту ПЦР-тест или, пак, брз антигенски тест за SARS-CoV-2 – децидни се од таму.
Од Фондот за здравствено осигурување, пак, посочуваат дека секој што сака да ги направи овие анализи, ќе мора да го стори тоа на приватен трошок.
Матичната докторка Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари во земјава, вели дека добиле допис од Фондот за здравствено осигурување во кој е наведено дека испитувања на антителата не можат да се направат на државна сметка.
– Изминатиот период имавме пациенти кои инсистираа да ги проверат антителата, независно дали по прележан Ковид-19 или, пак, пред закажана вакцинација. Наоѓавме начин да им закажеме термин на Институтот за имунобиологија и хумана генетика за тоа да го сторат на државна сметка, но сега ќе можат да го остварат само на приватен трошок – додава таа.
Во приватните лаборатории овие испитувања чинат над 600 денари.
Во дописот од ФЗО испратен до сите матични доктори пишува дека согласно важечките протоколи на Комисијата за заразни болести и на Министерството за здравство, анализи што треба да се користат за дијагностицирање Ковид-19 се ПЦР-тестот и брзиот антигенски тест (детекција на антигени).
– Анализите за детекција на антитела од класата ИгГ и ИгМ не треба да се вршат на товар на средствата на Фондот бидејќи тие не се користат при третман на осигуреници заболени од Ковид-19. Поради тоа, потребно е веднаш да ги информирате избраните лекари на подрачјето на вашата општина дека не треба да издаваат упат за детекција на антитела од класата ИгГ и ИгМ – се вели во дописот од ФЗО.
Во дописот на ФЗО се откриваат и причините зошто овие анализи не можат да се направат на државен трошок.
– Земајќи ја предвид состојбата со пандемијата на Ковид-19 и ограничените финансиски средства со кои располага Фондот, ве известуваме дека анализите на антитела од класата на ИгГ и ИгМ не треба да се вршат на товар на средствата на Фондот. Доколку пациентите инсистираат на овие анализи, тогаш трошокот за нивно извршување е на товар на пациентите – велат од ФЗО.
Сепак, оттаму посочуваат дека при промена на протоколите на Комисијата за заразни болести и на Министерството за здравство за дијагностика и третман на заболени од Ковид-19, овие анализи повторно ќе можат да се извршуваат на товар на Фондот.
Вчера министерот за здравство Венко Филипче рече дека ќе има бесплатно испитување за присуство на антитела на Институтот за имунобиологија и хумана генетика во Скопје, но ќе има категории кое лице ќе може да ги испитува.
Претходно од Институтот соопштија дека оваа услуга ќе биде достапна и натаму само на товар на пациентите (приватно) и ќе чини 736 денари.
Министерот кажа дека разговарал со директорите на Фондот и на Институтот, и се согласиле оти треба да продолжи практиката овие тестови да бидат покриени од државен трошок, но оти ќе мора да се воведат категории.
– Ќе мора да се воведат категории за да не го прави секој тој тест, како на пример, дали лицето прележало Ковид-19, дали треба индикација за вакцина и слично. Но, секако, ќе наведеме одредени категории – кажа Филипче.