Двете земји немаат отворени прашања, а нивните добрите политички релации се одлична основа за јакнење на деловните односи, беше речено на денешниот Македонско-полски бизнис форум.
Форумот го отворија претседателите на двете земји, Стево Пендаровски и Анджеј Дуда, а беше потпишан и Меморандум за разбирање чија цел е јакнење на бизнис соработката и поттикнување на инвестициите.
-Со Полска и полскиот народ имаме традиционално добри односи, а меѓу двете земји нема отворени прашања, туку само отворени можности. Не смееме да чекаме подобри времиња за да ја почнеме соработката. Подобрите времиња ќе дојдат само ако час поскоро почнеме да соработуваме, рече Пендаровски во обраќањето.
Тој апелира стопанствениците да го искористат потпишувањето на Меморандумот и да се фокусираат на остварување на неговите цели.
-Ме радува што некои важни полски компании веќе се пробиваат на македонскиот пазар. Денеска ќе направиме уште еден значаен чекор во таа насока. Меморандумот за разбирање ќе овозможи зголемена динамиката во соработката. Очекувам бизнис заедниците на двете држави да ја искористат оваа можност, истакна шефот на државата.
Претседателот оцени дека соработката може да има и регионална компонента ако се земе предвид дека Полска е земја-членка на Вишеградската група и на Иницијативата „Три мориња“, додека Македонија е дел од „Отворен Балкан“.
-Нашите две држави можат да бидат канал за пласирање на производите и услугите на пазарите што се дел од овие регионални иницијативи, рече Пендаровски.
Земјава, посочи, има стопански гранки и компании со квалитетни производи и услуги од сферата на земјоделството и прехранбената индустрија, а познати сме, рече, и по високо квалитетни вина што редовно освојуваат награди на светските вински саеми. Во последните неколку години, дополни Пендаровски, Полска е на високото четврто место според бројот на странски туристи што ја посетуваат Македонија. Културниот и духовен центар Охрид е привлечна дестинација за многу Полјаци.
Шефот на државата се осврна и на поволностите. Подвлече дека освен Договор за одбегнување на двојното оданочување, имаме и Договор за заемна заштита на инвестициите. Стопанската комора на Македонија и Полската стопанска комора негуваат долгогодишна формална соработка. Од 2018 година е воспоставена и редовна авио-линија меѓу Скопје и Варшава, а има и чартер летови од Варшава и Катовице до Охрид.
Во врска со КОВИД-пандемијата, Пендаровски нагласи дека имунизацијата, соработката и вложувањето во идниот развој се трите клучни фактори од кои ќе зависи пост-закрепнувањето на националните економии.
-Државите што инвестираат во човечкиот капитал многу полесно ја пребродуваат пандемијата, имаат побрз економски раст и повисок степен на намалување на невработеноста и сиромаштијатa, а Полска е ваков позитивен европски пример, рече претседателот.
Според него, како и целиот свет, така и Македонија минува низ исклучително тежок период. Стопанството претрпе големи загуби и иако релевантните институции годинава предвидуваат економски раст, сепак, се уште се соочуваме со предизвици и турбуленции.
-Во овој амбиент на неизвесност извесно е дека пост-КОВИД закрепнувањето на националните економии зависи од три фактори. Првиот фактор е секако имунизацијата. Како во Полска, така и кај нас, пандемијата внесе неизвесност во приватниот сектор. Особено погодени беа производството, трговијата, транспортот и туризмот. Колку поголем дел од населението е имунизиран, толку побргу ќе може да се поврати динамиката на економската активност. Вториот фактор е соработката. Како што соработката и солидарноста меѓу државите е клучна за справување со пандемијата, така и соработката меѓу компаниите е неопходна за надминување на економската криза. Вие преку вашите успешни бизнис резултати ја создавате реалната вредност од која зависи економското закрепнување. Третиот фактор е вложувањето во идниот развој, а Полска е добар пример и една од ретките земји-членки на ЕУ кои во 2020 година немаше зголемена невработеност, подвлече Пендаровски.
Тој потсети дека уште на почетокот на својот мандат го иницирал изготвувањето на стратегиската рамка за развој на државата наречена „МКД2030“, а целта на проектот е да се утврдат политиките за развој на државата до 2030 година и целите кои треба да бидат постигнати.
-„МКД2030“ се фокусира на повеќе меѓузависни теми, како што се вложувањето во образованието, дигитализацијата и ИТ секторот, земјоделството, екологијата и енергетиката, особено тн. чиста енергија. Оние домашни и странски компании кои навреме ќе инвестираат во развојот на овие области кај нас ќе се стекнат со конкурентна предност на македонскиот пазар во наредните децении. Затоа, ја користам оваа прилика да ги поканам македонските и полските компании да размислуваат за можна соработка во областите што ќе бидат наши развојни стратешки приоритети, напомена Пендаровски.
И претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда рече дека Македонија нуди одлични можности за инвестирање, а потенцијалот за интензивирање на соработката меѓу двете земји е голем. Тоа го потврдува растот на размената последниве години, посебно лани, во екот на КОВИД-кризата, кога многу од билатералните соработки, како што укажа Дуда, или се намалувале или дури и сосема прекинувале.
-Ме радува квалитетот на економските односи. Нашата размена расте, но гледам голем потенцијал за јакнење на соработката. Размената лани беше 397 милиони евра што е 5,3 отсто повеќе од 2019 година. Тоа укажува на големиот потенцијал во нашите релации и би било штета да не го искористиме, рече полскиот претседател.
Тој рече и дека македонската економија е најконкурентна во регионот.
-Економијата на Македонија е совршено место за странски инвестици со оглед на олеснувањата и големата поддршка. Програмата за поддршка на инвестиции опфаќа директни субвенции, даночни олеснувања и пристап до инфраструктура, нагласи полскиот претседател според кој енергетиката, рударството, туризмот, земјоделството и екологијата се областите во кои постои најголем потенцијал за соработка.
Оценка на Дуда е дека Полска и Македонија се соочуваат со заеднички предизвици посебно во однос на енергетската трансформација, услов што треба да го исполнат и во однос на членството во ЕУ.
Во рамки на бизнис форумот беше потпишан Меморандумот за разбирање меѓу Агенцијата за инвестиции и промоција на извозот на Македонија и Полската агенција за инвестиции и трговија. Целта на Меморандумот е јакнење на соработката и поттикнување на инвестициите од двете страни