Мицкоски упати порака до СДСМ по споредбата на резултатите
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека во една година на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, реалниот пораст на нето платата изнесува 6,5 проценти, што е речиси двојно повеќе од порастот во периодот 2017-2024 кога СДСМ и ДУИ беа на власт, а просечниот пораст беше 3,5 проценти.
„Математички, но и било како гледано, 6,5 отсто е речиси двојно повеќе од 3,5 проценти. Селективниот пристап и ваквиот тип на политика на СДСМ донесе резултати во Македонија како што бевме сведоци изминатите седум години катастрофални и уништувачки. Но она што е поважно и мој совет до раководството на СДСМ е дека тие со ваквиот селективен пристап ја уништија и сопствената партија“, истакна Мицкоски при денешната посета на РЕК Битола.
Премиерот додаде дека СДСМ треба да се претвори во конструктивна опозиција. Тој порача дека наместо да шири невистини и да спинува, опозицијата треба да предлага политики кои ќе го подобрат животот на граѓаните и ќе претставуваат предизвик за Владата да ги прифати и спроведе.