Историски пресврт во Брисел – ЕП ќе го усвои извештајот за признавање на македонскиот јазик и идентитет
Европскиот парламент е на чекор до усвојување на извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ. Kако што јавува бугарската агенција „Бгнес“, на четири места експлицитно ќе го признае македонскиот јазик и идентитет. Ова ќе биде вторпат европско законодавно тело – по германскиот Бундестаг во јуни 2023 – да заземе ваков став.
Извештајот треба да биде усвоен во јули, а до неговото финализирање се дошло преку договор меѓу главниот известувач Томас Вајц од Зелената партија на Австрија и седумте „известувачи во сенка“ кои ги претставуваат главните политички групи во Европарламентот.
Македонски дипломатски успех и бугарски негодувања
Вајц, кој од почетокот на неговата улога одржал 36 состаноци со македонски институции, воопшто не се сретнал со претставници на бугарските организации во Македонија, што предизвика критики во бугарската јавност. Бугарските европратеници Андреј Ковачев (ГЕРБ) и Ивајло Валчев (ИТН) доставиле над 40 амандмани, но според „Бгнес“, речиси сите биле отфрлени од известувачите.
Од друга страна, македонските лобистички активности во Брисел биле интензивни – со средби на 15 пратеници од Македонија, организиран официјален ручек со европратеници, како и директна комуникација на министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Шест јасни формулации во извештајот
Како резултат на преговорите, во текстот биле вклучени шест формулации со кои Европскиот парламент го признава македонскиот јазик и идентитет. Бугарските резерви околу историјата на македонскиот јазик, кој официјално е кодифициран во 1945 година, се целосно отстапени од извештајот.
Ова се очекува да биде значаен дипломатски сигнал пред продолжувањето на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Ова доаѓа во услови на зголемени тензии со Бугарија и чувствителност околу прашањата за македонскиот јазик и идентитет.