Со средства од МОН ќе биде поддржана реализацијата на проектите: „Еколошката состојба на рибната популација во Белчишко Блато“ на Хидробиолошкиот завод-Охрид; „Македонска книжевна енциклопедија (автори и дела)“ на Институтот за македонска литература; „Лексиката во македонската народна песна“ на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“; „Културно-историските случувања кај Албанците во Македонија во текот на XIX – XX век“ на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците; „Историјата и историографијата во јавните политики и во политиките на сеќавање“ на Институтот за национална историја; „Меморија и екокосмос“ на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и „Средновековни населби во Пелагонија, Мариово и Порече“ – научно-истражувачки проект на Институтот за старословенска култура-Прилеп.

На директорите на научните установи договорите за финансирање на проектите им ги врачи министерката за образование и наука Мила Царовска, која истакна дека резултатите од овие проекти ќе бидат база за натамошен развој на институтите и на општеството воопшто.

-Затоа што овие институти имаат стратешко значење, тие се и во законот насловени како национални институти коишто имаат стратешка положба во општеството и кои треба да создаваат научна дејност за доброто на општеството, рече Царовска.

Потсети дека МОН го подобрува системот на стипендирање на втор и трет циклус студии што, рече, не беше случај во изминатите години, а целта е младите луѓе да бидат поттикнати да останат во нашата држава, да се занимаваат со наука и да може да работат на вакви проекти.

-Од пред десет години до денеска процентот за наука од БДП е речиси двојно зголемен, што укажува на тенденција на постојано вложување, зашто Владата и МОН се свесни дека без наука и без истражувања мала е можноста за понатамошен развој на државата, додаде министерката за образование и наука.

Иницијативата на МОН ја поздравија директорите на институтите што ги потпишаа договорите, нагласувајќи дека по повеќе од десет години добиваат можност да бидат финансирани од МОН за своите истражувања. Според нив, со ова МОН и Владата имаат разбирање и слух за потребата за развој на научната мисла во нашата држава и дека ќе им овозможи теренски проучувања и обука на млади истражувачи.